На средбата со Урсула фон дер Лајен, Мицкоски нагласи дека Македонија очекува јасна и конкретна посветеност од Европската унија

Денеска, во просториите на Владата, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оствари средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во рамки на нејзината балканска турнеја. На средбата се разговараше за европската перспектива, економската соработка, енергетската безбедност и дигиталната трансформација, при што Мицкоски нагласи дека Македонија очекува јасна и конкретна посветеност од Европската унија како потврда за европската перспектива и поддршка на граѓаните.

„Ја истакнав решеноста на Владата да ја забрза евроинтеграцијата на државата преку конкретни резултати и исполнување на европските стандарди“, изјави Мицкоски. Тој додаде дека Македонија очекува од Европската Унија „јасна и конкретна посветеност, како потврда на европската перспектива и поддршка за граѓаните кои со децении остануваат посветени на европските вредности“.

Потврда на отворен дијалог и партнерство со Европската комисија

„Посетата на претседателката на Европската комисија претставува потврда за отворен дијалог и заемната подготвеност за продлабочување на партнерството, во интерес на стабилноста, економскиот развој и европската иднина на земјата“, рече Мицкоски.

Средбата ја потврди посветеноста на двете страни за продлабочување на соработката и унапредување на евроинтегративните процеси. Целта е граѓаните да почувствуваат конкретни придобивки од евроинтеграцијата.

Премиерот Мицкоски ќе ја пречека претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен