За Македонија ова е најлошиот пласман после повеќе од две години, уште од јуни 2019 година кога бевме 73-то пласирани, но првпат после октомври 2015 година во најцрниот период кога почна тоталната пропаст на македонската репрезентација, го имаме првото најсериозно назадување со двоцифрен број на позиции на листата. Тогаш од 105-то место паднавме на 138-то, а потоа во следната година дојдовме до најмизерното 166-то место, пред да почне искачувањето на листата и пресвртот што се случи со А-тимот.

Во изминативе четири години во кои Македонија константно напредуваше, беа забележувани и падови на листата, но минимални од две-три позиции најмалку, па овој пад е убедливо најголем и за ова августовско рангирање, трет и во светски рамки. Со нас по десет позиции назадуваат и Турција, која резултатски беше поочајна и од нас на Еуро 2020, како и Венецуела, а пред Македонија по назадување на листата се Кинески Тајпеј со 11 места и Тајван со цели 17 позиции надолу

Црвено-жолтите загубија цели 31,81 рејтинг-поен и тоа донесе пад од 10 позиции на сега актуелното 72-ро место, па пред нас сега се Словенија, Црна Гора, ОАЕ, Албанија, Ирак, Кина… Од противниците во квалификациите, Германија падна за четири места на 16-та позиција, Романија назадуваше за две места на 45-то, Исланд за едно место на 53-то, додека лидерот во групата Ерменија напредуваше за дополнителни три до 87-та позиција. Аутсајдерот Лихтенштај, пак, со новиот пад за три позиции стигна до 189-то место.

Италија иако ја освои европската титула успеа да скокне само за две места и сега е петопласирана, иако освои 102 рејтинг-поени, а финалистот Англија остана пред нив на четвртото место. Белгија, која беше елиминирана од „аѕурите“ во четвртфиналето и понатаму е прва, пред Бразил кој скокна едно место, а изненадувачки Франција остана трета со пад за една позиција, иако испадна веќе во осминафиналето на Еуро 2020.

Топ десет го заокружуваат јужноамериканскиот првак Аргентина која со новите 72 рејтинг-поени сега е шеста со скок од две позиции, Шпанија е седма со пад од едно место, Португалија со падот од три позиции е осма, а Мексико е нов член на најдобрата десеторка со деветата позиција, додека Данска излезе надвор од ТОП 10 и сега е 11-та, а местото и го презема САД.

Верувале или не, иако Холандија беше убедлива само во групната фаза, а ја победи Македонија на Еуро 2020 (3-0) и потоа во осмнафиналето ги непријатно шокираше сите со елиминацијата од Чешка, напредуваше дури пет места на листата и дојде до 12-та позиција.