Македонската фудбалска репрезентација денеска против селекцијата на Португалија со почеток во 20:45 на стадионот „Драгао“ ќе го одигра одлучувачкиот натпревар за пласман на Светско првенство.
Стадионот во Порто ќе биде исполнет до последното столче, а поддршка нашите репрезентативци ќе имаат од околу 1.500 навивачи на трибините.
Иако Португалија е фаворит на хартија, противникот не’ почитува. Македонија покажа дека може да направи клучни пресврти во своја користи и да го добие тоа што го сака.
Македонскиот селектор Благоја Милевски очекува поинаков меч од тој со Италија во четвртокот во Палермо, поради поинаквите индивидуални карактеристики на Португалија, па посочи дека бившиот европски првак не е само – Кристијано Роналдо.
-Португалија не е само Роналдо! Роналдо е најдобриот играч на светот, ама тој сам не игра. Играат уште десетмина други Португалци. Ние ќе мора да се сконцентрираме на тимот, а не на поединците. Секоја чест за успеите на останатите спортови кои играле на големи смотри, но кога зборуваме за фудбал, зборуваме за друга димензија. Фудбалот на глобално ниво е над сите и патот до успех во светски рамки е тежок. Португалија е фаворит, иако ние на гости ги победивме и Германија и Италија. Би сакал повторно Аце (Трајковски – н.з.) да даде пак таков гол како во Палермо и да испишеме нова историја, вели Милевски.
Капитенот на националниот тим Стефан Ристовски е, на некој начин, дома за време на престојот во Португалија ако се знае дека остави силна трага во португалскиот фудбал со настапите за Спортинг Лисабон.
-Сигурно дека ова е еден од најважните натпревари во историјата на нашиот фудбал. Можеби светот не веруваше дека вечерва ќе бидеме тука, но ќе кажам дека не е случајно нашето присуство тука. Оваа наша соблекувална има нешто што другите немаат. Горд сум и подготвен за ова финале. Не можев да замислам дека ќе дојде натпревар во кој против Португалија ќе се бори за еден мундијалски билет. Но, фудбалот е таков и нуди вакви предизвици, вели Ристовски.
Со среќа момци и нека биде Светско.