Македонската фудбалска репрезентација денеска со почеток во 20:45 часот ќе се сретне со селекцијата на Италија во полуфиналето од плејофот за пласман на Светското првенство.
Натпреварот ќе се одигра во Палермо на стадионот „Ренцо Барбера“ кој според последните информации ќе биде исполнет во целост. Поддршка нашите репрзентативци од трибините ќе имаат од околу 2.000 македонски навивачи.
Вчеравечер тие го одржаа официјалниот тренинг. Иако на хартија нашите репрезентативци се аутсајдери, сепак тие веруваат дека можат да направат изненадување, а дека се способни за такво нешто покажа многупати.
Селекторот Благоја Милевски на своите избраници им порача да не се оптоваруваат со резултатот, да немаат премногу респект кон домаќинот и едноставно да истрчаат на теренот на „Ренцо Барбера“ и да уживаат.
Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Стефан Ристовски пред мечот со Италија истакна дека е горд што е предводник на оваа фудбалска репрезентација.
-Не постои посебен мотив од натпревар против европскиот првак. Се надевам дека ќе му го честитаме утрешниот роденден на селекторот и ќе ја израдуваме нацијата. Не би издвојувал индивидуални фудбалери во италијанскиот табор, нив колективот ги донесе на европскиот врв. Тоа е нивната сила. Располагаат со голема конкуренција, првенството им дозволува да имаат таков избор. Знаеме што носат Бонучи и Кјелини кога играат. Верувам дека нашите напаѓачи ќе можат да го искористат нивното неиграње. Секој фудбалер од мали нозе сонува да игра за својата селекција и еве на нас е таа одговорност, заврши Ристовски.
Селекторот на италијанската фудбалска репрезентација Роберто Манчини, истакна секој натпревар започнува со 0-0 и во текот на деведесетте минути може сè да се случи.
-Македонија знае добро да се брани, но мислам дека нема да биде натпревар што брзо ќе се затвори. Мора да останеме смирени и да ја одиграме нашата улога. Противник ни е селекцијата која што славеше над Германија. Сигурно ќе ни треба трпение, бидејќи противникот е квалитетен и добро организиран. Италија знае да игра добар фудбал, и моментално размислуваме само на тоа. Секој натпревар започнува од 0-0 и за деведесет минути може сè да се случи, вели Манчини.
Македонските навивачи веќе се пристигнати во Палермо и со нетрпение го очекуваат денешниот натпревар. Уживање ќе биде и за оние кои не успеаја да дојдат до карта, па натпреварот ќе го проследат пред ТВ екраните.
Победникот од овој меч во финалето ќе оди на гости кај поуспешниот од пресметката Португалија – Турција.
Покрај овие две средби вечер уште играат Шведска – Шкотска и Велс – Австрија. Средбата Шкотска – Украина е одложена, додека Полска службено ја доби победата против Русија.