По 14 години, Владата обезбеди нови автобуси, што ќе помогнат во намалување на загадувањето, решавање на сообраќајниот метеж и подобрување на урбаната мобилност, соопшти денеска Министерството за транспорт.

Автобусите што ќе се набаваат се целосно електрични и со капацитет од најмалку 33 седечки седишта и вкупно 67 патници.

Ова, како што наведува Министерството, е прва голема набавка на нови електрични еколошки автобуси што ја спроведе Владата и со која директно се влијае врз намалување на аерозагадувањето во Скопје и другите општини, како и врз подобрување на јавниот градски превоз.

Во постапката, која беше јавна и транспарентна за јавноста и во целост отворена за сите понудувачи, во согласност со Законот за јавните набавки при електронската аукција, се постигна најдобра единечна цена за автобус од 321.958 евра, без ДДВ. Сакаме да потенцираме дека автобусите се стандардни, со автоматски регулиран клима-уред за ладење/греење, максимална моќност најмалку 350 kW на електромоторот, дисплеј-екрани за прикажување станици и број на линии, со три врати, платформа за лица со инвалидитет, со најсовремени системи за кочење и безбедност, како и со стандарден капацитет со кој целосно се задоволуваат потребите за превоз на патници по европската директива 2018/858 и во согласност со ИСО-стандардите 15118. Го цениме интересот на јавноста во однос на набавката, но мораме да нагласиме дека при правење споредба мора да се земат сите технички каректеристики на автобусите во однос на должината, капацитетот, погонот на работа, системите за безбедност и квалитетот – велат од Министерството.

Нагласуваат и дека секоја паушална споредба е обид да се направи манипулација или да се креира погрешна слика во однос на набавените автобуси.

Набавката беше целосно транспарентна и во согласност со Законот за јавните набавки се избра најповолниот понудувач. Исто така, сакаме да потенцираме дека автобусите со кои се прави споредба се на погон на компримиран природен гас и се работи за автобуси што се со целосно други технички карактеристики. Автобусите што ќе се набаваат се со капацитет од најмалку 33 седечки седишта и вкупно 67 патници, а кога веќе се прават несоодветни споредби, донираните автобуси се на компримиран природен гас и имаат вкупно 29 седечки места, што значи 4 седишта помалку. Се работи за друг тип на автобуси и затоа е несоодветно да се прават вакви споредби. Тоа е како да се прави споредба на автопат и експресен пат. Автобусите што беа предмет на набавка се целосно електрични автобуси – истакнува Министерството за транспорт.

За споредба, посочува дека во Загреб се набавени 62 електрични автобуси за 56,8 милиони евра, а во Македонија се набавија 150 автобуси и 75 полначи со вкупна вредност од 59,9 милиони евра.

Набавката на електрични еколошки автобуси претставува јасна определба за заштита на животната средина и подобрување на ефикасноста со јавниот превоз во Скопје и други општини. Покрај еколошките придобивки, набавката на нови автобуси носи и економска исплатливост на подолг рок со намалени трошоци за одржување и енергија. Ова е дел од стратешкиот план за трансформација на градскиот сообраќаен систем и подигнување на економичноста на транспортната мрежа. Со оваа инвестиција испраќаме јасна порака во борбата против аерозагадувањето и подобување на условите за граѓаните во делот на користење на јавниот превоз, како долгорочна инвестиција во транспортниот сектор и јавните услуги, нагласуваат од Министерството за транспорт.