Македонскиот електроенергетски систем засега е стабилен и нема непосреден ризик за домашното производство на струја, иако енергетските проблеми во Европа можат да се одразат врз берзанските цени и врз трошоците на македонските компании. Од Министерството за енергетика посочуваат дека акумулациите се исполнети околу 70 отсто, што овозможува нормално управување со хидропотенцијалот.

Во мај годинава во Македонија биле произведени 462.653 мегават-часови електрична енергија, со што биле покриени 96,5 проценти од домашната потрошувачка. Производството од хидроелектраните се зголемило за 76 проценти во споредба со истиот период минатата година, а раст е забележан и кај ветерните електрани.

Сепак, земјата и натаму зависи од увоз на струја и затоа е изложена на движењата на регионалните берзи. Доколку намаленото производство и зголемената побарувачка во Европа продолжат да ги креваат цените, најголем притисок ќе почувствуваат индустријата и големите потрошувачи кои набавуваат електрична енергија на слободниот пазар.

Влијанието врз домаќинствата засега е ограничено поради регулираните цени, но поскапата енергија може посредно да предизвика нови инфлаторни притисоци и раст на цените на производите и услугите.

Долготрајните високи температури и намалените водостои на големите европски реки веќе предизвикуваат проблеми во енергетскиот сектор. Намалено е производството од хидроелектраните, дел од нуклеарните централи се соочуваат со ограничувања, а потрошувачката на струја расте поради зголемената употреба на уреди за разладување.

Унгарската нуклеарна централа „Пакш“ за малку избегнала намалување на производството, словенечката „Кршко“ морала да го ограничи работењето поради високата температура на водата во Сава, додека српската хидроелектрана „Ѓердап“ работи со значително намален капацитет.

Во Македонија во изминатиот период се зголемуваат инвестициите во обновливи извори на енергија. Во тек се проширувањето на ветерниот парк „Богданци“, проектите за фотонапонски централи во Битола и Осломеј, како и подготовките за поставување батериски системи за складирање електрична енергија.

Паралелно се работи и на подобрување на регионалната поврзаност преку гасните интерконектори со Грција и Србија и преку приклучувањето кон европскиот Вертикален гасен коридор.

Состојбата засега не дава причина за аларм, но европската енергетска нестабилност покажува дека климатските промени, ниските водостои и зависноста од увоз ќе бараат дополнителни инвестиции, подобро планирање и побрзо зголемување на домашното производство.