Вечерва со почеток во 20 часот маестро Симон Трпчески и пријателите со проектот „Македонисимо“ гостуваат на летната сцена во Градскиот парк во Делчево.
Уникатниот тим на квинтетот „Македонисимо“ го сочинуваат: Александар Краповски на виолина; Александар Сомов на виолончело; Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и на кавал, а зад удиралките е Влатко Нушев.
„По трите концерти на отворањето на сезоната на Симфонискиот оркестар на Дизелдорф, каде што под диригентската палка на британскиот маестро Алпеш Чауан учествува во изведбата на Концертот за пијано и оркестар број 2 од Рахманинов, нашиот прославен пијанист Симон Трпчески се враќа дома за уште еден настап со интернационалниот музички проект Македонисимо“, информира Здружението за култура и уметност „КултурОп“.
По струшкото село Збажди, Скопје, Штип, Битола и село Секирник, Општина Босилово, Струмица, Трпчески и пријателите и пред публиката во Делчево ќе го изведат албумот „Македонисимо“ што, во издание на британската етикета „Лин рекордс“, го обиколи светот. Станува збор за проект во чии рамки на оригинален начин се обработува македонската народна музика од страна на нашиот композитор Панде Шахов, кој, како што вели Трпчески, „со својот посебен музички јазик ја обои на многу поинаков начин, испреплетувајќи со нашата традиционална музика различни музички стилови“.
Концертот, организиран од Општина Делчево во соработка со „КултурОп“, се одржува во чест на 80-годишнината од ослободувањето на градот и како и сите досегашни изведби на отворено, публиката ќе може да го проследи бесплатно.