Шпанскиот фудбалер Педро Родригез официјално стави крај на својата професионална кариера на 39-годишна возраст. Искусниот офанзивец одлуката за заминување во спортска пензија ја соопшти преку социјалните мрежи, по истекот на договорот со италијанскиот клуб Лацио на 30 јуни.
„Чувствувам дека дојде вистинскиот момент да направам чекор напред и да започнам ново поглавје во животот. Заминував горд што го остварив својот сон. Фудбалот ме направи многу среќен“, порача Педро.
Во својата богата кариера Педро освои вкупно 25 трофеи, запишувајќи се меѓу најуспешните шпански фудбалери на својата генерација. Со репрезентацијата на Шпанија се искачи на светскиот врв со титулата на Светското првенство во 2010 година, а две години подоцна триумфираше и на Европското првенство во 2012 година. Во националниот дрес одигра вкупно 65 средби и постигна 17 голови.
Најголемите клупски успеси ги забележа со дресот на Барселона, каде што трипати ја освои Лигата на шампионите и подигна пет шампионски пехари во шпанската Ла Лига, покрај бројните други национални и меѓународни признанија. По заминувањето од Шпанија настапуваше во англиската Премиер лига за Челси, освојувајќи ја титулата во Англија, по што кариерата ја продолжи во Серија А бранејќи ги боите на Рома и Лацио.
