Косовската полиција соопшти дека вчера уапсила државјанин на Македонија кај кого се пронајдени над шест килограми дрога хероин кој бил наменет за продажба, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во денешното соопштение на полицијата се наведува дека Дирекцијата за истраги на трговија со наркотици при полицијата во Приштина, во соработка со локалните безбедносни институции, „на 21.08.2024 година, по интензивна истражна работа на терен, презеде оперативни мерки, при што е идентификувано лице државјанин на Македонија, за кое се сомничи дека поседувал, подготвен за продажба, наркотична супстанца од типот хероин“.
Од полицијата велат дека хероинот на осомничениот му го донеле други две лица, кои потоа со автомобил го напуштиле местото на настанот.
Вредноста на запленетиот хероин е околу 150.000 евра.
По интервенција на косовската полиција, кај пријавениот се пронајдени шест пакувања со сомнителна наркотична супстанца од типот хероин со вкупна тежина од 6.137,6 грама (шест килограми и 137 грама), при што вредноста на сомнителната наркотична супстанца која е одземена се проценува на околу 150.000 евра, соопшти полицијата.
Како материјален доказ се одземени два телефони, автомобил и 4.305 денари.
Осомничениот бил приведен на разговор во присуство на бранител и со решение на државен обвинител одреден му е 48 часовен притвор, додека по другите две лица полицијата трага.