Македонската кадетска ракометна репрезентација стигна до првата победа на Европското првенство во Србија, откако во Белград ја совлада Италија со убедливи 33-23. Натпреварот беше одигран во рамки на првото коло од групата 1 во разигрувањето за пласман од 9 до 16 место.

Избраниците на селекторот Горан Кузмановски уште од почетокот на дуелот ја презедоа контролата на теренот. Македонските ракометари брзо создадоа предност од три голови, а на паузата заминаа со водство од 17-13.

Во вториот дел, македонските кадети продолжија во ист ритам и постепено ја зголемуваа разликата. При резултат 24-18 направија серија од 5-0, со која стигнаа до двоцифрена предност и ја обезбедија победата.

Најефикасен во македонскиот состав беше Бобан Поповски, кој имаше максимална реализација и постигна девет голови.