Движењата кај основните макроекономските параметри се поволни и без поголеми отстапувања во однос на очекувањата кога се уште постојат неизвесност и ризици од пандемијата предизвикана од Ковид-19, оценува Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.

На седницата, одржана вчера, е одлучено каматната стапка да се задржи на ниво од 1,25 проценти, а денеска на аукција ќе бидат понудени благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.

– Намалувањето на основната каматна стапка до нивото од 1,25 проценти, како и досегашното позначително намалување на понудениот износ на благајнички записи придонесоа за натамошно зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економија. На седницата беше оценето дека ослободената ликвидност изминатата година од вкупно 15 милијарди денари преку основниот инструмент на Народната банка е соодветна, при што се одлучи на аукцијата што ќе се одржи денеска да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари, се вели во денешното соопштение од Народната банка.

Во последниот квартал од 2020 година е забележано забавување на падот на бруто домашниот производ согласно очекувањата и тој е сведен на 0,7 проценти, а падот на економијата во 2020 година е 4,5 проценти и е близу до проектираниот.

– Тековно расположливите високофреквентни податоци за периодот јануари ‒ февруари 2021 година упатуваат на продолжени ефекти од здравствената криза врз економската активност, коишто може да се поврзат и со појавата на третиот бран на ковид-19, што предизвикува натамошна воздржаност на економските субјекти, одразувајќи се и врз динамиката на економското закрепнување, наведува Народна банка.

Во однос на инфлацијата за периодот јануари ‒ март 2021 година, ценовните промени се во согласност со очекувањата според последната проекција на Народната банка, но нагорните ревизии на надворешните влезни претпоставки упатуваат на умерено нагорни ризици за проекцијата на инфлацијата за 2021 година од 1,5 проценти.

Девизните резерви се на соодветното ниво. Во првиот квартал од годинава е остварен висок раст, што главно се должи на издавањето на новата државна еврообврзница во март. Најновите податоци од надворешниот сектор заклучно со февруари годинава упатуваат на можност за остварување трговски дефицит главно во согласност со очекувањата за првото тримесечје, а воедно и последните податоци за менувачкото работење се во согласност со очекувањата од последната проекција.

Според првичните податоци за март, продолжува зголемувањето на депозитите и на кредитите, при што годишниот раст на депозитите е над проектираниот за првиот квартал од годинава, додека кредитниот раст е во рамки на проекциите.

Ликвидноста на банкарскиот систем во денари е на релативно солидно ниво, за што потврда е и отсуството на потреба кај банките за тргување на пазарите на пари, додека на меѓународните финансиски пазари задржани се очекувањата на инвеститорите за солидно закрепнување на економскиот раст на глобално ниво