Францускиот претседател Емануел Макрон се надева дека Кина ќе изврши притисок врз Русија за ставање крај на војната во Украина.
Кина се залага за мировни преговори за да се стави крај на војната помеѓу Русија и Украина. Кинескиот претседател Ши Џинпинг, по разговорите со францускиот колега Емануел Макрон во Пекинг, изјави дека се надева оти двете страни ќе можат да одржат мировни преговори што е можно поскоро.
Макрон го повика Ши да ја убеди сојузничката Русија да стави крај на војната во Украина. „Знам дека можам да сметам на Вас кога се работи за тоа Русија да се вразуми и сите да се вратат на преговарачка маса“, му рече Макрон на Ши.
Тој додаде дека не се посакува само крај на конфликтот, туку и „почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“. Тоа, според францускиот претседател, е предуслов за траен мир.
Макрон е уверен дека Западот мора да го вклучи Пекинг за да се стави крај на кризата и да се спречат растечките тензии. Тој смета дека постои опасност светот да се подели на два завојувани блока.