Емануел Макрон, иако се уште не е кандидиран за претседателските избори, денеска отвори суштинска тема од претседателската кампања, која често ја поставува десницата: безбедноста. Безбедноста беше тема на неговата посета на Ница, при што даде ветување дека во наредните пет години за неа сака да издвои милијарди евра и дека до 2030 година двојно ќе ја зголеми полицијата на терен, јави дописникот на МИА.
Во септември, во Рубе, шефот на француската држава веќе го спомна ова удвојување на полицијата. Денеска тој објасни дека, за да се постигне оваа цел во следните пет години, законот за ориентација и програмирање на Министерството за внатрешни работи ќе стави „крај на несоодветните задачи“, како што се чување јавни згради, трансфер на затвореници, полициски сослушувања итн. Севкупно, ова треба да овозможи ослободување на 3.500 полицајци и жандарми за да излезат на јавни места.
Дополнително, Макрон најави забрзување на ослободувањето на полицајците и жандармите од административни задачи. „Од 2023 година веќе нбема да има ниту еден од овие кадри активен во функциите на административна контрола на нашите граници или управување со центри за административно задржување (ЦРА)“.
-Ова ќе ни овозможи да ставиме не помалку од 3.000 агенти на јавни места, рече тој. Според потврдни извори, на пример, повеќе нема да има полицајци на аеродромот Роаси или на аеродромот Орли за проверка на пасошите, туку административен персонал.
Макрон понатаму кажа дека сака тројно да ја зголеми казната за улично вознемирување, на 300 евра, за делото што ќе се квалификува како прекршок.
Во овој нов закон, што може да се гласа дури по 2022 година, претседателот објасни дека сака да го удвои посветеното полициско присуство во јавниот превоз во моментите кога нападите се најзабележани. Тој, исто така, најави удвојување за пет години на истражителите посветени на семејното насилство, со што бројот ќе се зголеми на 4.000 истражители.
Макрон најави генерализација на казните за деликти со фиксна стапка (АФД) за кривични дела што се казнуваат со казни помали од една година.
Претседателот објасни дека оваа генерализација на АФД, која се користи во борбата против корисниците на наркотици, е елемент на поедноставување што ќе им овозможи на судиите и обвинителите да се концентрираат на поважни случаи.
Тој повика на создавање дополнителни 1.500 кибер патроли и школа за кибер обука за борба против дигиталните напади, како дел од инвестицискиот план од милијарда евра.
–Ова е специфичен напор за кој во следните неколлку години може да се создадат најмалку 1.500 дополнителни кибер патроли, во кои ќе бидат вклучени и резервисти, наведуваат од Елисејската палата. Школата за обука ќе биде создадена во рамките на Министерството за внатрешни работи за да ги обучи полицајците, жандармите и разузнавачите на оваа тема, што постојано се развива, додава Елисејската палата.
Макрон соопшти дека во текот на следните пет години буџетот за безбедност ќе биде зголемен за 15 милијарди евра, како дел од предлог-законот што ќе биде претставен пред Советот на министри во март.
-Овој Закон за ориентација и програмирање на МВР (Лопми) ќе додаде во безбедносниот буџет уште 15 милијарди евра во текот на следните пет години, што е зголемување од 25 отсто во однос на сегашниот буџет, рече претседателот за време на патувањето во Ница.
Претседателот денеска во Ница ја потврди изградбата на единствена локација во која ќе бидат сместени сите разузнавачки служби за внатрешна безбедност (ДГСИ). Оваа уникатна локација на Генералниот директорат за внатрешна безбедност ќе биде лоцирана во Сен-Оуен (Сена-Сен Дени), каде што беа инсталирани поранешните простории на весникот Ле Паризиен, кои беа купени од државата. Макрон прецизираше дека создавањето на оваа единствена локација бара повеќе од милијарда евра инвестиции.