Колумна на Проф. д-р Самоил Малчески

Како одминуваат деновиве после пописот, се повеќе се сеќавам на еден период од моето детство, далечната 1993 година, кога на ист ваков невешт начин некој се обидуваше да организира попис во Република Македонија. Тогаш мојот татко за викенд издание на еден дневен весник имаше објавено цела анализа под наслов „Еден стои, двајца брои“ со која ги разобличи тогашните политички игри и манипулации. Деновиве 30тина години подоцна некој повторно се обидува да си игра весела математика со бројките од пописот и од една статистикача операција направи политички циркуз. Но ајде, дел по дел.

Во Македонија после 2002 умирале само Македонци

Согласно пописот во 2002 година на територијата на Република Македонија живееле 1 297 981 Македонци. Ако на оваа бројка и се додаде бројката на живородени деца, Македонци, во периодот од 2002 до 2021 година, бројка која изнесува 235 171, се добива бројка од 1 533 152 Македонци. Во периодот од 2002 до 2021 година вкупниот број на починати лица во Република Македонија изнесува 401 896 лица. Ако од бројката 1533152 Македонци се одземе бројката на сите починати лица во Република Македонија се добива бројка од 1 131 256 жители. Ако се соберат бројките од сегашниот попис за Македонците присутни во Република Македонија и Македонците кои се самопопишале во дијаспората се добива бројка од 1 136 871. Кога ќе се споредат последните две бројки се воочува разлика од 5 615. Што ова значи? Ова имплицира дека од 401 896 починати лица во периодот од 2002 до 2021 година, 396 281 биле Македонци и само 5 615 починати лица биле припадници на другите етнични заедници. Малку нелогично, нели? Со вака презентираните бројки Симевски се обидува да не убеди дека во Македонија после 2002 година умирале само Македонци или пак и ова ќе да е техничка грешка?

Македонската дијаспора пред 2002 година броела само 18 489 наши иселеници

Друга споредба на пописот од 2001 и 2021 година говори пак за една друга по малку смешна ситуација. Имено, според пописот од 2001 година на територијата на Република Македонија живееле 2 022 547 жители. Ако на оваа бројка се додадат сите живородени деца во периодот од 2002 до 2021 година и од тоа се одземат сите починати во истиот период доаѓаме до бројка од 2 077 156 жители. Според пописот од 2021 година ако се соберат бројките на резидентно население и самопопишаната дијаспора бројката изнесува 2 095 645. Евидентно е дека разликата во овие две бројки е 18 489, што имплицира дека пред 2001 година Македонската дијспора броела само 18 489 наши иселеници. Многу смешно, за да е вистинито.

Нелогичноста и во образованието

Во Месечниот статистички извештај број 1.2.22.03, Година LXXI од март 2022 година публикуван од Државниот завод за статистика во периодот од 2016 до 2020 година вкупно 98 686 наши сограѓани се стекнале со основно образование. Но, ако се видат презентираните бројки во т.н. попис на истата на возраст од 16 до 20 години, возраст која во просек соодветствува со завршено основно образование во периодот од 2016 до 2020 година, имаме попишано 105 557 жители. Имено евидентно е дека станува збор за разлика од 6 871 дете или 5,14%. Ако се има во предвид дека основното образование е задолжително на целата територија на Република Македонија останува нејасно од каде се појавија 6 871 дете повеќе или од каде се појави ралика од 5,14% во самите бројки? Притоа, ако истата споредба се направи со завршени средношколци во периодот од 2016 до 2020 година со соодветните бројки презентирани во пописот пак се доаѓа до разлика од 5 862 деца повеќе од тие кои завршиле средно образование во наведениот период. Имено, и средното образование е задолжително по закон, но Симовски и ДЗС се обидуваат да не убедат дека 4,8% од присутните деца не завршуваат средно образование, што е малку повеќе од нелогично.

За на јавноста да и укажеме дека, Симовски упорно не лаже, ќе ја споредиме бројката на деца кои завршиле основно образование во 2016 година, со бројката на деца кои завршиле средно образование во 2020 година. Имено во учебната 2015/2016 година, во мај месец 2016 година ДЗС евидентирал дека основно образование завршиле 16 884 деца, додека пак четири години потоа во учебната 2019/2020 во мај месец 2020 година средно образование завршиле 16 380. Разликата во овие две бројки е 540 или во оваа генерација на деца 540 деца помалку завршиле средно образование. Ова е бројка помалку или повеќе може да се каже дека е логична бидејќи евидентно е иселувањето во Република Македонија. Оттука, Симовски мора да одговори како може во бројките презентирани во публикациите на ДЗС да има скоро поклопување, а да имаме огромно отстапки меѓу бројките презентирани во публикациите и оние презентирани во пописот.

Мајчин јазик Македонски и Македонци

Уште една нелогичност и големо отстапување имаме во делот на етничка припадност и мајчин јазик. Имено според презентираните податоци 1 073 299 жители се изјасниле како етнични Македонци, додека пак 1 145 327 жители кажале дека мајчин јазик им е Македонскиот јазик. Ако се споредат овие две бројки доаѓаме до разлика од 72 028 наши сограѓани на кои мајчин јазик им е Македонскиот, а не се Македонци. Како е можно да има вакво отстапување тоа може само Симовски да го објасни или можеби пак ќе се правда со техничка грешка, кое оправдување веќе му стана навика!

Притоа, ако на бројката на попишани кои мајчин јазик им е Македонскиот, се додаде и мнозинството од оние 132 000 админинстративно попишани, се доаѓа до процент кој е многу близок до процентот кој се лиферува во јавност за издадени државјанства на Македонци, присутни во Република Македонија.

Попис и избирачки список

Навидум пописот и изборите се два различни процеси и истите не треба да се споредуваат, но суштински треба да има висока корелација помеѓу бројките презентирани во пописот и оние на денот на избори. Непосредно после таканаречениот попис, во кус временски период во Република Македонија се одржаат локални избори. Ако се анализираат бројките за излезеност во првиот изборен круг може да се дојде до еден куп нелогичности. Имено, ако се споредат општини кои имаат приближно ист број на избирачи запишани во избирачки список, може да се види следното, Битола и Гостивар имаат скоро ист број на запишани избирачи, во Битола излезеноста е 56,49%, додека пак во Гостивар е 38,87%. Потоа, Струга и Прилеп исто така имаат скоро ист број на запишани избирачи, па во Прилеп гласале 63,8%, а во Струга само 41,36%. Потоа, слична е ситуацијата и во Кичево и Охрид, во Кичево гласале 45,15%, а додека во Охрид 56,54%. Процентот на излезеност во Боговиње, Врапчиште, Желино и Липково, општини со скоро ист етнички состав и приближно ист број на запишани избрирачи, изнесува од 36,15% до 37,6%. Ако се земе во предвид дека изборите се врвен приоритет за милитантната ДУИ и дека за избори ангажираат автобуси и авиони за да донесат гласачи останува нејасно каде изчезнаа луѓево за само неколку недели, период помеѓу завршувањето на пописот и првиот круг на локалните избори.

Општина Гази Баба

Последните избори се интересни за анализирање и од еден друг аспект. Имено од вкупно излезени 936 814 жители, 199 744 жители гласале за листи кои биле предложени од страна на партии и независни листи со албански етнички признак. Имено овој процет е 21,3% од вкупно излезените гласачи. Пак согласно милитантното делување на ДУИ и настојувањето по секоја цена да се освојат избори останува нејасно како може да се појави ваква некорелираност на бројките во споредба со 24,30% моментално присутно население според пописот. Најчудни се резултатите во Гази Баба. На последните локални избори вкупно гласале 28 984 жители на општината со право на глас од кои за партии и листи со албански етнички предзнак гласале 7,11% и освоиле 2 места во советот што пак изнесува 7,4% од вкупниот број на советници. Но на пописот бројот на албанско население во општината поминува 20%. Зошто има ваква некорелираност одговор треба да даде Симовски. Кој тоа си играл весела математика со бројките од пописот.

Дали ваквата некорелираност и нелогичност во бројките е причина заради која албанските партии во Република Македонија бегаат од идејата за една изборна единица. Па ако веруваат во бројките од последниот попис, тогаш најголем победник се токму тие. Ако процентот од 24,30% се преслика во пратенички мандати тогаш со сигурност би освоиле најмалку 30 мандати, што би бил најголем нивен успех на избори.

Оставки и одговорност

За крај, после сите нелогичности и т.н. технички грешки време е за оставки и одговорност. Симевски мора уште веднаш да си поднесе оставка и да сноси одговорност за потрошените буџетски средства и за веселата пописна математика. Правдањето со некакви си технички грешки е смешно и глупаво. Исто така Јавното обвинителство, ако го имаме и ако Јавниот обвинител не е презафатен со лобирање да биде Уставен судија, веднаш согласно член 49 од Законот за попис (Службен весник на РМ број 19 од 25.01.2021) треба да поведе истрага и да ги расчисти овие небулози.

За крај, Македонското собрание или оние пратеници од парламентарното мнозинство кои ги оспоруваат резултатите имаат можност да иницираат Анкетна комисија, составена од пратеници и експерти по статистика, која ќе изврши детална проверка на пописот и ќе ги расветли посочените небулози.

пишува: Проф. д-р Самоил Малчески