Пакистан ја плати својата прва пратка руска нафта, увезена според меѓувладин договор со Москва, во кинески јуани по намалена цена, изјави министерот за нафта Мусадик Малик, сигнализирајќи промени во платежната политика.

Пакистан во април купи 100. 000 тони сурова нафта од Русија, а пред два дена во Карачи пристигнаа првите 45. 000 тони.

Малик не ги откри комерцијалните детали од договорот, како што се цената и попустот, само наведе дека плаќањето е извршено во кинески јуани.

Овој месец Исламабад предложи и директна размена на стоки и услуги со Русија, Авганистан и Иран, што според аналитичарите е уште еден знак дека Пакистан се обидува да ја намали употребата на доларот и постепено да се сврти кон исток.

Најголем дел од странските плаќања на Пакистан се за увоз на енергија. Во 2022 година, Исламабад увезуваше 154. 000 барели нафта дневно, слично како и во 2021 година.

Пакистан најмногу сурова нафта увезува од Саудиска Арабија, а втор негов снабдувач се Обединетите Арапски Емирати.