Половина милион литри нафта истекле од нафтовод во Хрватска, на делницата меѓу Сисак и Славонски Брод, соопшти компанијата „Јадрански нафтовод“ (ЈАНАФ). Досега се собрани околу 200.000 литри, а од компанијата уверуваат дека нема опасност за населението и снабдувањето со вода за пиење.

Инцидентот се случил во близина на селото Првча, на 88. километар од нафтоводот, откако при изведување работи за обновување била оштетена опрема по контакт со работна машина. Работите ги изведувала надворешна компанија, а истекувањето траело од петокот до синоќа.

Веднаш по откривањето на оштетувањето, транспортот на нафта бил прекинат со затворање на блокадните станици Окучани и Лужани. На терен била испратена механизација за ископување, чистење и собирање на истечената нафта.

Од ЈАНАФ посочуваат дека непријатната миризба засега е ограничена на погоденото подрачје и постепено ќе се намалува со текот на санацијата. Собирањето на преостанатата нафта ќе продолжи во наредните денови, по што таа ќе биде вратена во системот на компанијата.

Следната фаза ќе опфати отстранување и замена на загадената почва и враќање на теренот во првобитната состојба. Од компанијата очекуваат целосната санација да заврши за околу десет дена.

Одговорноста за инцидентот дополнително ќе биде утврдена, додека нафтоводот засега останува затворен.