– Луѓето кои ќе пристигнат на Малта без потврда за вакцинација ќе треба да бидат ставени во карантин, соопшти владата, без притоа да се прецизира колку денови ќе трае карантинот за невакцинираните.
Патниците кои пристигнуваат во медитеранската островска држава од земји оценети како високоризични, мора да останат во изолација 14 дена, додава АФП. Во петокот, владата на Малта соопшти дека од денеска ќе ги затвори границите за луѓето кои не биле вакцинирани против Ковид-19, со цел да се запре неодамнешното зголемување на новите случаи. Планирано беше да се блокира и влезот на американските туристи, но сепак тие ќе можат да влезат под истите правила како и Европејците, односно да бидат во карантин, доколку не се вакцинирани. Ваквата одлука следува откако Брисел реагираше на намерите на владата на Малта, повикувајќи ја да ја преразгледа одлуката и да ги почитува заедничките ЕУ-правила за влез и излез од државите-членки.
Во Малта не беа пријавени нови случаи на коронавирус неколку дена во јуни. Сепак, нивниот број значително се зголеми минатата недела за да достигне 96 во петокот. Министерот за здравство Крис Ферн посочи дека зголемувањето на новите случаи главно се должи на странските туристи кои имале негативен тест за коронавирус, но не биле вакцинирани. Малта е земја во Европската унија што е најнапредна кампањата за вакцинација, каде 79 проценти од возрасната популација е целосно вакцинирана. Во земјата со население од околу половина милион луѓе, од почетокот на пандемијата се пријавени скоро 31.400 случаи со коронавирус. Починаа 420 лица.