Клубовите од англиската Премиер лига втора година по ред поставија нов рекорд во летниот преоден рок, откако за ангажирање нови играчи потрошиле околу четири милијарди евра. Со ова, англиските прволигаши повторно убедливо ги надминаа клубовите од Италија, Германија, Шпанија и Франција.
И минатото лето Премиер лигата беше рекордер на европскиот трансфер-пазар, со потрошени околу 3,5 милијарди евра. Ова лето сумата дополнително се зголемила, а разликата во однос на другите големи европски првенства повторно е огромна.
На второто место според вложените средства е италијанската Серија А, чии клубови инвестирале околу 1,16 милијарди евра. Следуваат германската Бундеслига со околу 780 милиони евра, шпанската Ла Лига со 755 милиони евра и француската Лига 1, чии клубови потрошиле околу 606 милиони евра.
Англиските клубови сами потрошиле повеќе од трипати повеќе средства од италијанските екипи, кои се наоѓаат на второто место на листата.
Меѓу клубовите со најголема потрошувачка се издвојува Манчестер Сити, кој, според достапните податоци, инвестирал околу 500 милиони евра во засилувања.
Огромните суми што ги издвојуваат англиските клубови повторно ја отвораат дебатата за финансиската моќ на Премиер лигата и за сè поголемиот јаз во однос на останатите европски првенства.
Премиер лигата со години ги привлекува најголемите телевизиски и комерцијални приходи, што им овозможува на клубовите да плаќаат трансфери и плати кои за голем дел од нивните европски конкуренти се многу потешко достижни.
Новата рекордна трансфер-сума е уште еден показател дека англиските клубови и натаму доминираат на европскиот пазар кога станува збор за вложувања во нови играчи.
