Македонските спортисти го завршија настапот на Медитеранските игри 2026 во Таранто со шест освоени медали – едно златно, две сребрени и три бронзени одличја. Последен од македонските претставници настапи атлетичарот Дарио Ивановски, кој вечерва го освои седмото место во трката на 10 километри.

Со настапот на Ивановски и официјално беше ставена точка на македонското учество на Игрите во Таранто.

Најсјајниот медал за Македонија го освои каратистот Матеј Белистојаноски, кој се искачи на највисокото место на пиедесталот во категоријата до 67 килограми.

Сребрени медали освоија борачите во слободен стил Фати Вејсели, во категоријата до 74 килограми, и Реџеп Хајдари, во категоријата до 97 килограми.

На македонското конто се најдоа и три бронзени одличја. Вероника Консевиќ освои бронза во слободен стил до 57 килограми, а бронзени медали освоија и борачот Ахмад Магомедов во категоријата до 86 килограми и боксерот Ален Рустемовски во категоријата до 60 килограми.

За македонските спортисти, Игрите во Таранто беа четврти настап на Медитеранските игри.

На Медитеранските игри во Мерсин во 2013 година, Македонија освои пет медали – едно сребрено и четири бронзени одличја.

Четири години подоцна, во Тарагона во 2018 година, македонските спортисти имаа уште поуспешен настап со шест медали – две златни, едно сребрено и три бронзени одличја.

На Игрите во Оран во 2022 година, македонската експедиција освои три медали – едно злато и две бронзи.

Со шесте одличја во Таранто, Македонија го повтори бројот на освоени медали од Тарагона, но со поинаква распределба на одличјата.

Пред последниот натпреварувачки ден во Таранто, на кој се предвидени женскиот и машкиот полумаратон, како и машкото финале во ватерполо, најуспешна на Игрите е домаќинот Италија.

Италијанските спортисти имаат освоено 73 златни, 78 сребрени и 72 бронзени медали.