Денес Секретаријатот за европски прашања, преку проектот „Нордиска поддршка за напредок на Македонија“, кој го спроведува Канцеларијата на Обединетите Нации за проектни услуги УНОПС, ја организираше првата од трите планирани панел дискусии под слоганот: „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности!“.

Насловот на денешната панел дискусија е „Со сите капацитети до европски стандарди – институции кои испорачуваат за граѓаните“ пред претставниците на институциите и граѓанскиот сектор Кластерите 1 и 6 односно „Фундаментални вредности“ и „Надворешни односи“.

Како главен преговарач со ЕУ и координатор за Кластер 1, „Фундаментални вредности“ ќе кажам дека Македонија сè уште стои најдобро во регионот во овој кластер, кој е најважен за динамиката на преговорите. Зад нас се Црна Гора со оценка 2.9 и Србија со оценка 2.6, истакна вицепремиерот Маричиќ на почетокот од обраќањето.

Имаме напредок, но ги имаме и веќе познати предизвици. „Добро ниво на подготвеност“ е оценката за вкупната подготвеност на земјата за 2022 , што е сигнал дека имаме стабилен континуитет во вкупната подготвеност на земјата, што треба да ни даде поттик да го задржиме односно да му дадеме нова динамика, истакна вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ.

Маричиќ ги истакна и оценките и нотираниот напредок во неколку области, во клучните како правосудството, каде се очекува задржување на трендот на независно и самостојно работење на Судскиот совет и Советот на јавни обвинителства, иако повторно се укажува на намалениот избор на судии и јавни обвинители. Во однос на демократските институции, Извештајот ја нотира „заложбата на државата да испорача резултати“ и очигледните напори за јакнење на демократијата и владеењето на правото.

Главниот преговарач со Европската Унија, Маричиќ, вели дека во Извештајот оваа година е даден напредок и во изборните реформи, но Европската комисија е построга годинава кон Собранието, кое е предмет на остра критика поради активната блокада од опозицијата и доцнењето при носењето на законите важни за реформскиот процес. Тој во продолжение на панел дискусијата укажа на напредокот постигнат и во останатите области, како статистика, надворешни односи, јавни набавки, правда слобода и безбедност, во кои треба да се продолжи со нагорното темпо на реформи и напредок.

Недвосмислено ја потврдуваме стратешката определба кон Унијата, во новиот геополитички контекст со кој сме соочени. Како докажан партнер на Унијата, не би ја пропуштил приликата и овој пат да дадам апел дека очекуваме земјата и регионот да бидат вклучени во механизмите на ЕУ за снабдување со енергија и храна, имајќи ги предвид тековните предизвици со кои сме соочени сите, рече Маричиќ, додавајќи дека сите треба одговорно да се посветат на надминување на нотираните слабости, да се продолжи со реформите, а секоја институција да биде на ниво на својата задача, особено законодавниот дом.

Воведни обраќања на настанот имаа претседателот на државата, Пендаровски, претседателот на Владата на Република Македонија, Ковачевски, и амбасадоротите на Република Чешка и Кралството Шведска, Н.Е. Лудва и Н.Е Ами Ларсон Џеин. Панелисти на првата панел дискусија беа заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, координатор на Кластер 1, „Фундаментални вредности“, Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи и шеф на Државната делегација за преговори со ЕУ, координатор на Кластер 6, „Надворешни односи“, министерот Бујар Османи, Филип Николоски, заменик-министер за финансии, како и претставниците на граѓанскиот сектор, Ана Крстиновска, претседателка на „Естима“ и Андреја Стојковски, извршен директор на „Преспа Институт“. Панел дискусијата ја модерираше проф.д-р. Ненад Марковиќ. Во следните недели ќе следат уште два настани за останатите кластери.