Наша задача е и понатаму да останеме посветени на реализацијата на стратегијата “Едно општество за сите,” со која го приближуваме македонското општество чекор поблиску до европските вредности, градиме општество базирано на еднаквост, толеранција, разновидност и дијалог и општество кое ги почитува индивидуалните и колективните идентитети, како и вредностите на мултикултурализмот.

Ова, како што соопшти СЕП, го истакна вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во воведното обраќање денеска на седницата на оперативното постојано тело за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам, со која претседаваше.

-Почитувањето на различните културни и традиционални вредности е една од клучните вредности во ЕУ. Заедничките напори секогаш вродуваат со резултати кога сите учесници во процесот имаат иста цел. Затоа, цел на оваа Влада е евроинтеграција односно полноправно членство во ЕУ и тоа до 2030 кое е изводливо во заедништво и консензус на сите политички конституенти, сите општествени структури, бизнис заедници и поединци, порача Маричиќ.

На седницата присуствуваа членови на оперативното постојано тело за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам, во состав Роберт Алаѓозовски претседател на координативното тело и национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, Џабир Доко заменик министер за политички систем и односи помеѓу заедниците, Еран Куртиш директор на Агенцијата за остварување на права на заедниците, Дарјан Сотировски директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, Рубин Земон и д-р Ана Чупеска како преставници на академската заедница и други.

Членовите ги истакнаа нивните забелешки за стратегијата и дадоа свој придонес во дискусијата кои ќе бидат земени предвид во понатамошното подготвување на стратегијата, стои во соопштението.