Потребно да се опстои на патот по кој тргнавме. Патот на реформите, а резултатите сигурно ќе дојдат, вели министерот за правда Бојан Маричиќ во своето новогодишно видео обраќање, упатувајќи желби пред сè за добро здравје, успех, среќа и да имаме нова година исполнета со успеси на секое поле.

– Изминатата година, продолжија некои процеси за кој сметам дека се од исклучително големо значење за иднината и долгорочниот развој на државата. Тука во Министерството за правда интензивно се работеше на многу нови закони и се завршија процеси кои беа повеќе од потребни, порачува во своето новогодишно видео обраќање министерот Маричиќ.

Годинава, посочува Маричиќ, спроведовме попис и по цели 20 години, во навистина сложени услови, пандемија, повици за бојкот и слично, успеавме да го преброиме населението и имотот.

– Посебно сум горд што за време на мојот мандат Министерството за правда го подготви овој закон со кој успешно се заокружи овој статистичкиот процес. Оваа година Владата ги усвои и измените на Кривичниот законик со кој значително се зголемува правната заштита на жените, но и на новинарите и медиумските работници. За нив направивме и измени на неколку други закони со кои се за неколку пати се намалува надоместокот за штета за клевета и навреда, како за новинарите, така и за медиумите. Вакви системски чекори за подобрување на состојбата на медиумските работници е нешто што придонесува за голема демократизација на јавниот простор, посочува Маричиќ.

Изминатава година, според Маричиќ, со потпишувањето на Протоколот 16 на Европскиот суд за човекови права од Стразбур, земјава на повисоко ниво ја издигна соработката со судот што ќе биде во директна полза на граѓаните.

– Започнавме со дигитализација на судството. Неколку услуги за граѓаните се веќе целосно дигитализирани, нема повеќе чекање по шалтери за уверенија за неосудуваност, а истото ќе се направи и со другите услуги. Во меѓувреме продолжи филтрацијата на судството, а поради констатирано нестручно е несовесно работење повеќе судии беа разрешени од страна на Судскиот совет. Се постигна договор за поголеми плати во судството и обвинителството за 15 проценти и тој договор е веќе спроведен во буџетот од наредната година. Дополнително, за подобро функционирање на правната држава, изминатата година изработивме, Владата ги усвои и сега се во Собранието десетици закони, за кои се надевам дека пратениците ќе ги набрзо ќе дадат „зелено светло“, нагласува Маричиќ во своето новгодишно обраќање.

Маричиќ, исто така, потсетува дека годинава добивме позитивни извештаи и од Стејт Департментот и Европската комисија во делот на правдата каде што е констатиран напредок.

-Ова уште еден доказ дека сето тоа што го работевме изминатиот период како Влада и како Министерство за правда е признаено од најрелевантните меѓународни фактори, кои во минатото давале слаби оценки токму во делот на владеењето на правото и правната држава, посочува Маричиќ.

Според Маричиќ, реформите во секторот со кој раководам не се ниту брзи, ниту едноставни.

– Удари кон правната држава има секојдневно, од различни центри на моќ, а за демонтирање на остатоците од режимот во судството треба навистина време и трпение. Сепак, сигурен сум дека откако веќе јавно се говори за проблемите и се работи на нивно решавање и откако конечно се носат вистински системски решенија, потребно да се опстои на патот по кој тргнавме. Патот на реформите, а резултатите сигурно ќе дојдат, вели Маричиќ.

На крајот, Маричиќ во своето новогодишно видео обраќање, на сите им ја честита новата година, со желби пред сè за добро здравје, успех, среќа и да имаме нова година исполнета со успеси на секое поле