Храбар предизвик низ трчање, велосипед и пливање на Охридското Езеро
Младиот спортист и инспиративна личност, Марко Пејчиновски, ќе се обиде да ја надмине својата најголема физичка граница со уникатен триатлон од 107 километри. Патеката, според објавата на Пејчиновски, ќе се состои од три дела: трчање од Свети Наум до Струга, потоа возење велосипед назад до Свети Наум, и на крај пливање кон Охрид.
„По месеци напорни тренинзи, по многу падови, повреди и искушенија – конечно дојде моментот за мојот модифициран Ironman триатлон. За тие што сè уште не знаат што ќе правам, вечерва на 28.08 со почеток од Св. Наум ќе трчам до Струга, потоа со велосипед од Струга ќе се вратам во Св. Наум и за крај со пливање ќе се упатам кон Охрид за вкупна бројка од 107 километри,“ истакна Марко.
Тој објасни и зошто го прави овој предизвик:
„Можеби се прашувате зошто го правам ова? Целта е потрага по желба за живот. Пред 1 година бев загубен по патот на животот, како и многу други. Со ова сакам да им покажам и да ги инспирирам дека има подобро утре. Со вера во Бога и упорност ќе успеете.“
Марко ја потенцираше важноста на поддршката од јавноста и најави дека целиот триатлон ќе биде документиран:
„Сакам да изразам благодарност до сите вам кои ми ја давате вашата безрезервна поддршка. Целиот триатлон ќе биде документиран на моите социјални мрежи, и затоа заследете ме, споделете го ова видео и се надевам дека ќе ве видам во што поголем број на целта.“
Овој триатлон претставува храбар предизвик и инспирација за сите кои се борат со лични искушенија, а Пејчиновски најави дека ќе го изведе со максимална посветеност и упорност.