Пет лица го загубија животот, а десетина се ранети во вооружен напад што попладнево се случи на главниот градски плоштад во Краков, потврдија полските полициски органи.

Напаѓачот управувал автомобил со кој влегол директно на плоштадот и отворил оган кон случајните минувачи. Во полициската интервенција напаѓачот бил ранет, лишен од слобода и транспортиран во медицинска установа под строг надзор.

Според достапните информации, меѓу повредените се наоѓаат и двајца полициски службеници кои интервенирале на местото на настанот.

Идентитетот на вооружениот маж засега не е соопштен во јавноста, а мотивите за овој напад сè уште остануваат непознати.

Инцидентот се случил кратко по 15 часот на плоштадот Ринек Глувни, кој претставува историско јадро на градот и една од најпосетените туристички локации во целата земја.

Според полициските соопштенија, напаѓачот навлегол со возилото на прометниот простор и започнал неконтролирано да пука во толпата. Медиумите наведуваат дека автомобилот претходно се движел со голема брзина по улицата Славковска право кон центарот на плоштадот.

Истрелите предизвикаа паника и стампедо кај граѓаните, кои бегаа барајќи заштита во околните трговски објекти и угостителски локали.

За време на вооружениот напад регистрирани се материјални оштетувања на фасада на продавница, како и на трамвај од градскиот сообраќај.

На теренот веднаш се упатија засилени полициски сили, противпожарни единици и возила на итната медицинска помош, додека санитетски хеликоптер слета во центарот за итна евакуација на настраданите.

Идентитетот на загинатите сè уште официјално не се соопштува, а медицинските тимови ја утврдуваат тежината на повредите кај хоспитализираните лица и дали меѓу нив има странски државјани.

„Министерот за внатрешни работи редовно ме известува за ситуацијата во Краков по трагичната пукотница. Полицијата ги истражува позадината и сите околности на нападот“, соопшти Туск.

Полициските власти наведуваат дека истрагата за трагедијата продолжува со цел утврдување дали нападот има терористичка позадина или други мотиви.