Пратеникот Љупчо Пренџов смета дека начинот на кој општеството се однесува кон жените во рамки на политичкиот живот директно говори за неговата демократска зрелост. Тој ги сподели своите ставови по повод учеството на меѓународна конференција посветена на оваа тема.

„Во Варшава, на средбата организирана од ОБСЕ/ОДИХР, разговаравме токму за улогата на мажите во унапредувањето на еднаквото учество на жените во политиката. Мислам дека една работа мора јасно да ја кажеме: не е доволно да поддржуваме еднаквост во говорите, декларациите и документите. Таа треба да се препознава во нашето секојдневно политичко однесување. Кога жените се соочуваат со навреди, дискриминација, потценување или обиди да бидат обесхрабрени, одговорноста не е само нивна да се справат со тоа. Одговорност имаме и ние, мажите. Особено оние што имаат позиција, влијание и можност да ги менуваат работите“, напиша Пренџов.

Тој дополнително посочува дека вистинската поддршка не значи создавање привилегии, туку обезбедување еднаква можност, еднаков простор и неприкосновено право сечиј глас да биде слушнат и соодветно почитуван во јавната сфера.

„Затоа што политиката не може да биде доволно добра ако во неа нема простор за способноста, знаењето и лидерството на сите. Не е доволно да кажеме дека сакаме промена. Треба да бидеме подготвени и самите да ја направиме“, заклучи Пренџов.