Холандските власти минатата недела на аеродромот Шипхол запленија 26 калливи желки од Валарта, вид на кој му се заканува исчезнување, соопшти Холандскиот орган за безбедност на храната и производите за широка потрошувачка (NVWA).
Станува збор за еден од најмалите видови желки во светот. Овие животни биле донесени од Мексико, каде што во дивината живеат уште само околу 300 единки.
Според официјалните информации на надлежниот орган, желките биле скриени во чекираниот багаж на маж кој патувал за Хонг Конг. Осомничениот патник веднаш бил уапсен, а истрагата за целиот случај е во тек.
Поголемиот дел од желките биле завиткани во селотејп за да не можат да се движат, а потоа биле спакувани во кутија. Останатите единки биле скриени во чорапи. Од органот потврдија дека сите заплени желки го преживеале транспортот и успешно се пренесени во специјализиран центар за спасување животни.
Цената на една каллива желка од Валарта на црниот пазар може да достигне и до 30.000 долари, соопшти минатиот месец американскиот центар за биолошка разновидност. Поради ваквата состојба, центарот упати апел и ја повика мексиканската влада да преземе значително построги мерки за заштита на овие ретки животни.
