Ова е најголемиот дводневен пад во историјата на индексот на милијардери на Блумберг и најголем еднодневен пад, по тој од 36 милијарди долари на Џеф Безос поради неговиот развод со Мекензи Скот во 2019 година.

Акциите на Tesla паднаа за 12% во вторникот поради серија лоши вести.

„Потопот“ на Tesla доаѓа во време на турбулентни денови за производителот на автомобили. Сè започна кога Маск ги праша своите следбеници на Twitter за време на викендот дали треба да продаде 10% од својот удел во компанијата, по што следеше веста дека неговиот брат Кимбал продал акции непосредно пред анкетата.

Потоа во вторникот наутро во Insider се појавија информации дека според Мајкл Бери, инвеститорот кој се прослави со филмот „The Big Short“, Маск можеби ќе сака да продаде акции за да ги покрие личните долгови.

Падот во тие два дена ја намали предноста на Маск пред Безос како најбогат човек во светот на 83 милијарди долари. Маск го надмина основачот на Amazon.com Inc. за прв пат во јануари, јазот меѓу двајцата неодамна достигна 143 милијарди долари, бројка поголема од нето вредноста на Бил Гејтс, четврти на листата.

ARK Investment Management на Кети Вуд, чии фондови продаваа акции на Tesla во последните неколку месеци, изгуби повеќе од 750 милиони долари при распродажба во вторникот, додека основачот на Oracle Corp. Лари Елисон, вториот по големина индивидуален акционер на компанијата, загуби 2,1 милијарди долари.

И покрај падот, богатството на Маск сè уште е зголемено за 70 проценти оваа година, благодарение на растот на акциите на Tesla во услови на силен раст на профитот и понудата и повисоката проценка за SpaceX. Пазарната капитализација на Tesla остана над 1 трилион долари, показател кој го достигна минатиот месец, откако резултатите од третиот квартал значително ги надминаа пазарните очекувања, а компанијата за изнајмување автомобили Hertz Global Holdings Inc. направи нарачка за 100.000 автомобили Tesla.