„Охрид ЕКО 2025“ обединува нуркачи од регионот во борба за чисто езеро

Овој викенд, нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид повторно ќе биде организатор на големата еколошка акција „Охрид ЕКО 2025“. Акцијата е насочена кон чистење на дното на Охридското Езеро од цврст отпад. Десетици нуркачи од Македонија и од регионот ќе се вклучат во акцијата, која ќе се реализира на неколку локации низ езерото.

Повеќе локации – еден заеднички еколошки фокус

Најголемото внимание ќе биде насочено кон Градското пристаниште, Љубаништа, Заливот на коските, автокампот „Градиште“ и крајбрежјето кај Калишта. Таму нуркачите ќе го чистат езерското дно од пластика, метал и друг вид цврст отпад, со цел да се спречи дополнително загадување.

Подигање на свеста и заштита на биодиверзитетот

Организаторите потенцираат дека оваа иницијатива, која се одржува четврта година по ред, е дел од подготовките за туристичката сезона. Таа има цел да ја заштити природната убавина на езерото, да го зачува богатството на биодиверзитетот и да ја подигне еколошката свест кај локалното население и посетителите.

Избор: Слободен печат