Во Бугарија изминатите денови се одржаа масовни протести против планираното воведување на еврото како официјална валута. Најголемите демонстрации беа организирани во главниот град Софија, каде граѓани ја блокираа сообраќајницата на централниот плоштад и маршираа низ центарот со барање за оставка на властите. Организатор на протестите е граѓанската иницијатива „Разбудени“, а протестни собири се одржаа и во Варна, Јамбол, Велико Трново, Плевен, Хасково и Русе.

Меѓу главните причини за незадоволството се стравувањата од зголемување на цените и недовербата во институциите околу процесот на замена на валутата.

„Сè ќе поскапи. Цените веќе се изедначуваат со евра. Сакаме да си го зачуваме нашиот суверенитет“, изјави еден од демонстрантите.

„Еврозоната е потоната во долгови. Не гледам како ќе ни биде подобро таму“, додаде друг граѓанин.

Спротивно на овие ставови, некои бугарски економисти веруваат дека влезот во еврозоната ќе донесе бројни придобивки. Поранешниот вицепремиер и министер за транспорт, Николај Василев, смета дека Бугарија сериозно доцни со овој процес.

„Ние веќе доцниме 15 години. Сè што се менува е на подобро“, изјави Василев.

Главен организатор на протестите е десничарската партија „Преродба“, која е против членството на Бугарија во еврозоната. Демонстрантите бараат да се стопира процесот и да се одржи референдум.

Додека властите уверуваат дека транзицијата ќе биде контролирана и транспарентна, протестите ја отсликуваат длабоката поларизација меѓу граѓаните за идниот економски курс на земјата.