Повеќе од 70 луѓе, вклучувајќи и деца, завршија во болница поради масовно труење во Украина, предизвикано од популарен десерт што бил послужен во ресторан
Според информациите на агенцијата UNN, масовното труење во Украина било предизвикано од консумирање на десерт наречен „Singapore Cheesecake“. Истиот бил послужен во познатиот ресторан „Chinese Hello“ во Киев. Според податоците објавени од Окружниот центар за контрола и превенција на болести, кај двајца пациенти со лабораториски тестови било потврдено присуство на бактеријата Salmonella enteritidis. Таа е една од најчестите и најопасни причини за труење со храна.
Од Центарот нагласуваат дека сите заразени пациенти го јаделе истиот десерт во истиот ресторан. Тоа овозможило брзо насочување на истрагата кон конкретен производ и локација.
Откако биле пријавени случаите, епидемиолошкиот тим на Центарот веднаш започнал истрага. Пациентите кои биле хоспитализирани биле детално испрашани, при што експертите утврдиле дека сите имаат заедничка точка — го консумирале десертот „Singapore Cheesecake“ во истиот ресторан.
„На терен беа испратени екипи кои земаа примероци од храна, вода и површини. Врз основа на изјавите на пациентите, утврдивме дека сите го јаделе истиот производ,“ информира Центарот.
Примероци и дезинфекција во ресторанот
Како дел од истражните мерки, биле земени 16 примероци од храна, 30 површински брисеви, два примероци од вода за пиење за микробиолошка анализа, како и еден примерок за вирусолошко истражување. Вработените во ресторанот исто така биле испитани, а објектот бил темелно дезинфициран вечерта по пријавата на случаите.
„Вршиме целосна проверка на просторот, производите и персоналот. Објектот е дезинфициран, а анализите се во тек,“ информираат надлежните.
Надлежните здравствени служби истакнуваат дека сите институции се вклучени во процесот на утврдување на изворот на инфекцијата, како и на факторите преку кои болеста се пренела. Паралелно, се преземаат мерки за локализација и спречување на евентуално понатамошно ширење на инфекцијата.
„Сите релевантни служби работат координирано со цел да спречат нови случаи. Истражувањето продолжува додека резултатите од сите анализи не бидат добиени,“ пренесува порталот Индекс.