Францускиот фудбалски ас Килијан Мбапе повторно се најде во центарот на вниманието на спортската јавност откако на социјалните мрежи објави видео на кое се гледа како вози велосипед, иако неодамна заработи повреда. Најдобриот стрелец на Реал Мадрид се повреди на репрезентативниот натпревар против селекцијата на Турција на 25 септември, поради што беше принуден предвреме да го напушти теренот, но само неколку дена подоцна се одлучи на активност што предизвика реакции.

Оваа негова постапка предизвика силен одек откако мадридските медиуми го поврзаа целиот случај со поранешна позната изјава на португалскиот стручњак Жозе Мурињо. Медиумите инсинуираат дека првата ѕвезда на кралскиот клуб со ваквото однесување покажува непочитување кон строгите професионални правила што ги воспостави Мурињо во однос на заштитата на играчите од дополнителни повреди надвор од теренот.

„Не станува збор само за договори и за тоа што е напишано на хартија, туку и за тоа како пристапувате кон работата. Играчот не треба да скија или да вози велосипед бидејќи може да падне, да се повреди, да скрши нога или рака. Поради тоа, може да пропушти пет или шест натпревари, па дури и повеќе“, рече Мурињо во една прилика.

Шпанскиот весник „АС“ објави дека по овој потег, јавноста во Мадрид сè погласно дебатира за односите меѓу Мбапе и Реал Мадрид, оценувајќи дека двете страни не функционираат хармонично. Во своја колумна, спортскиот новинар Алберт Масну дури отворено напиша дека францускиот фудбалер станал токсичен за средината во која настапува.

„Секогаш кога се поставува прашањето за Килијан Мбапе во Реал Мадрид, одговорите речиси секогаш водат до истиот заклучок: тој има дозвола од клубот за сè што прави. Сепак, навивачите повеќе не веруваат во такво објаснување. Наместо тоа, има сè повеќе луѓе кои веруваат дека играчот не се вклопил целосно во Реал Мадрид, или дека клубот едноставно не го зел под свое крило на правилен начин“, истакна Масну.