Росица Коцева сведочела за заканите и насилството на Илија Стефановски

Росица Коцева и убиецот Илија Стефановски биле разделени од октомври 2024 година, но и покрај тоа одржувале повремена комуникација. Во исказот што таа го дала пред обвинителството на 9 септември, само неколку дена пред двојното убиство и самоубиството, се опишува низата закани и малтретирања кои ги доживеала.

Патувањето во Бугарија и првите закани

Како што сведочела Коцева, на крајот на декември лани Стефановски ја повикал да патуваат заедно во Бугарија, бидејќи добро го познавала јазикот. Прифатиле да заминат, а по завршувањето на неговите обврски во Софија, на враќање кон Скопје настанала кавга. Во тој момент, Илија инсистирал да ја обноват врската, на што таа одбила, по што тој ѝ се заканил: „или ќе бидеш моја или ќе бидеш мртва“.

Насилство и заклучување во неговиот дом

По пристигнувањето во Скопје, во неговиот дом во Ѓорче Петров, тој ја повикал мајка му, но веднаш започнал со физичко малтретирање кон Росица. Ја удирал по телото и ја заклучил во станот, одземајќи го телефонот и спречувајќи и мајка му да повика помош. Според сведочењето, тој насилно се однесувал и кон својата мајка, која безуспешно се обидувала да помогне.

Обид за спас и пријава во полиција

Следниот ден, Росица успеала да го убеди дека доколку ја пушти, ќе побараат стручна помош за нивната врска. Така била ослободена, по што по неколку дена го пријавила случајот во полициската станица во Ѓорче Петров, а потоа и во Кисела Вода. Поради повредите и психичките трауми, побарала и лекарска помош во Ургентниот центар во Велес.