Заканите за убиства за кои пријава поднесе градоначалникот на Чаир Висар Ганиу, не се ништо ново во ДУИ и во минатото во оваа партија изборите за локални шефови минувале со пукотници и убиства, вели за Алфа Изет Меџити, еден од главните меѓу фракционерите кај интегративците. Како пример го даде Куманово, велејќи дека не сакаат да дозволат такви сценарија да се прелеат и во скопскиот дел партијата.
И во минатото токму за избори за ограноци, посебно за огранокот Куманово, во два наврати имаше пукање, имаше загинати, имаше ранети, има луѓе што лежат во затвор или чекаат конечна одлука за тоа. Ако сакаат тој филм да го гледаат, ние нема да паднеме на такви провокации, изјави Меџити за Алфа.
Меџити се жали дека фракционерите трпат вистински терор од страна на партиското крило предводено од Артан Груби. Не верува дека состојбата би можела да се поправи, бидејќи според него во ДУИ главно е самоволието на првиот вицепремиер.
Веќе не функционираат телата, нас не исклучија од централното претседателство, ги разрешија на владини функции, на локално ниво. Одат дури до мобинг таму каде што се вработени и со овој потег сакаат нестатурано и во ограноците да поставуваат луѓе послушни, вели Меџити.
Меџити потврдува дека Ганиу добил закани од Муарем Хасани, кој е кандидат за претседател на огранокот на ДУИ во Бутел. Според него главен проблем е што надлежните се уште не реагираат иако постои пријава за овој случај.
Тоа што го кажа господинот Ганиу, можам само да го потврдам и тоа е пријавено во МВР. Тоа што не делува ни јавниот обвинител, ни МВР, тоа значи дека правната држава не функционира или селективно функционира за потребите на тие што се на власт, вели Меџити.
Хасани пак ги демантира тврдењата на Ганиу, бил разочаран, но не и очаен. Според него е ова било обид за валкање на демократските изборни процеси кои се случувале во ДУИ