Вжештена е СОС линијата на Првата детска амбасада во светот Меѓаши. Правата на децата се кршат, а пандемијата од Ковид -19 ги продлабочи социјалната и образовна дискриминација. Се повеќе се нарушува менталното здравје на детето, децата се оттуѓени, осамени, зголемен е стресот и депресијата, се ограничува движењето на детето. За прв пат на СОС линијата стигаат пријави за трговија со деца, политичка злоупотреба на деца и проблеми со онлајн наставата, велат од детската амбасада за Лидер.
Меѓаши алармира, на ред се институциите на системот!

Лидер: Владата одлучи да го продолжи зимскиот распуст а притоа да го скрати второто полугодие. Учениците добија повеќе материјал кој треба да го совладаат за пократко време. Колку тука е скратено правото на детето?

– Сметаме дека не постои скратување на правата на детето со одложувањето на почетокот на второто полугодие за две недели. Очекуваме ваквата одлука да придонесе кон поголема контрола на бројот на заразени деца и наставници во овој период, а со соодветно прилагодување на наставната програма од страна на наставниците и стручните служби веруваме дека децата нема да бидат преоптоварени со материјал за учење.

Лидер: Веќе подолго време се води и “битката“ За и Против маски во учлиштата. Дали детето има право самостојно да одлучува по ова прашање?
-Дали сметате дека треба да има Ковид тестирања на децата во училиштата?

– На почеток, би сакале да потенцираме дека во моментов се наоѓаме во ситуација кога вирусот претрпе неколку мутации од првичната верзија од пред 2 години. Сведоци сме дека мерките во сите земји во светот неколкупати досега се прилагодуваа и менуваа и еве токму изминативе 2 дена слушаме за нови препораки за укинување на одредени мерки во некои земји. Во моментов ова тема е премногу чуствивтелна, а ситуацијата е променлива од ден на ден и навистина треба да се постапува многу внимателно, имајќи го на ум најдобриот интерес на децата. Двете прашања се исклучително чувствителни и треба релевантните институции да излезат со став поддржан со аргументи за истите и притоа внимателно да се слушнат и да се земат предвид и тие што се За и тие што се Против носењето маски и тестирањето.
Во правец на создавање простор за издржана дискусија која ќе придонесе кон унапредувањето на правата на децата во време на пандемија Детска амбасада Меѓаши се подготвува за онлајн јавна отворена дискусија со повеќе експерти на тема носење на маски со цел да се слушнат различните мислења и да се придонесе во изнаоѓањето релевантни и соодветни решенија, во најдобар интерес на децата и нивното здравје. Наскоро ќе споделиме повеќе детали со јавноста.

Лидер: Донесе ли пандемијата на Ковид-19 нови прекршувања на детските права?

-Пандемијата од Ковид -19 ги продлабочи прекршувањето на неколку детски права. Многу повеќе се истакна социјалната дискриминација како и образовната дискриминација, нарушувањето на менталното здравје- отуѓеност, осаменост, стрес, депресија, ограничување на движењето и сл.
Податоците на Првата детска амбасада во светот Меѓаши покажуваат дека пандемијата предизвика значително зголемување на бројката на случаи на прекршување на правата на децата на возраст од 7 до 15 години.
Пандемијата на Ковид 19 го зголеми проблемот со право на видување, неможноста да го видат едниот родител, зачестеност на физичко или псхичко малтретирање, немање пристап до здравствени услуги или училиште.
Голем број од децата беа исклучени од образовниот процес поради немање на соодветнио услови за следење на он лајн наставата. Ние како Детска амбасада апелиравме до институциите и до компаниите да дадат придонес за да се вклучат и овие деца во образовниот процес.
Врз основа на оваа детектирана потреба за вклучување на децата во образовниот процес, започнавме индивидуална граѓанска акција за донација на лаптопи за децата кои немаат услови да ја следат наставата од далечина. Иницијатори на оваа акција беа Центар за управување со знаење, Стопанска Комора за ИКТ – МАСИТ, Асоцијација на советници за развој на кариера – АСК Скопје и Прва детска амбасада во светот Меѓаши . Се потрудивме да придонесеме со личен пример за поголема мобилизација во општетсвото за помош и поддршка на образовно и социјално обесправените деца на кои им беше ускратена квалитетната онлајн настава. Дониравме над 50 компјутери.

Лидер: Со какви се проблеми се соочуваат децата кај нас? На што се однесуваат најголем дел од поплаките на вашата бесплатна СОС линија?

– Меѓу најчестите проблеми за кои се јауваат практично секоја година се семејните односи, проблеми со остварување на правото на контакт или средби на децата со разведени родители и непочитување на решението од Центарот за социјални работи, понатаму сите категории на насилство емоционално како и физичко насилство и занемарување. Суштинските потреби како причина за дојава се и оваа година, односно изложеноста на несоодветни услови за живот кои го попречуваат оптималниот раст и развој на децата. Голем број деца со своите семејства живеат на работ на егзистенција, при што нивните детски права се сериозно загрозени. Конкретно оваа измината година со 13 проценти застапеност од дојавувањата е нарушеното ментално здравје кај децата. Емоционалната вознемиреност поврзана со искуството на лутина или фрустрација е одговор на повеќе различни причини заради кои бил остварен контактот а се последица од нарушени односи со родителите при бракоразводните постапки како и неможноста да се гледа со двајцата родители.
Тука би додале дека измината година имавме случаи што не се вообичаени во долгогодишната пракса на СОС-телефонот за деца и млади. Имено, станува збор за три категории на случаи што се јавија или за првпат или после подолго време на СОС-телефонот, а тоа е: трговија со деца, политичка злоупотреба на деца и проблеми со онлајн наставата, велат од Меѓаши за Лидер.