Цела недела во земјава има 45 словенечки пожарникари кои се борат со огнените јазици кои на некои места достигнуваат до 50 метри во височина.

Втората група словенечки пожарникари, односно 43 пожарникари и 9 припадници на цивилната заштита заминуваат во регионот на Берово и ќе ги заменат нивните колеги кои се таму од 6 август. Според најавите, втората група треба да се врати во Словенија на 17 август.

Инаку, како што објавуваат медиумите во Словенија, специјалните возила за гасење пожари остануваат во Македонија, а се менува само тимот. Досегашните пожарникари дејствуваа од 5 август и тоа 12 часа на ден во екстремно тешки услови, а само еден од нив бил полесно повреден додека поправал едно противпожарно возило.

„Ситуацијата во Северна Македонија и натаму е сериозна. Гори практично на местото каде што отиде словенечкиот тим. Ветровите постојано го менуваат правецот, а влажноста на воздухот е мала, со што се овозможува ширење на пожарите“, вели Јанез Бордон, шеф на вториот словенечки тим.

Пожарот е се уште активен, а неговото ширење може да се спречи само со голем број пожарникари и други сили на теренот.

Словенечките пожарникари работат во два тима и според оперативниот лидер, Марко Адамич, додека едниот тим гаси, другиот се одмара, бидејќи мора да се води сметка за здравјето и безбедноста на пожарникарите.

„Ваквите пожари се исклучително опасни, непредвидливи и водството на експедицијата мора одлично да го проучи ‘однесувањето‘ на огнот и врз основа на тоа да ја испланира операцијата“, изјавил Адамич.

Минатата недела словенечките пожарникари добија барање за помош од Македонија и само за неколку часа 17 возила од Словенија тргнаа на 20-часовен пат. Оттогаш за нив нема одмор и по 10 часа на ден им помагаат на очајните локални жители, со цел да се спасат селата. Според словенечкиот тим, веќе со сигурност спасиле три села и неколку куќи.