Потпишувањето на Меморандумот, како што соопшти Конфедерацијата на слободни синдикати, е конкретизација и продолжување на долгогодишната соработка на синдикатите на регионално и меѓународно ниво, пред се во рамките на Регионалниот синдикален совет „Солидарност“, меѓу чии основачи се и овие три синдикални централи.

– Иницијативата за потпишување на Меморандумот произлезе од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, водена од големиот одлив на работна сила од Македонија, особено на сезонските работници кои одат на работа во Црна Гора и Хрватска, главно во секторот туризам и угостителство. Сојузот на самостојни синдикати на Хрватска и Унијата на слободни синдикати на Црна Гора свесни се за потребата од заштита на правата на мигрантите и сезонските работници, но исто така и за спречување на „дампингот” на работниците и социјалните права на нивните домашни работници, а во своето синдикално делување ги штитат интересите и на странските работници, како и на домашните работници испратени на работа во странство и на домашните сезонски работници. Со потпишување на Меморандумот, синдикатите потписнички дополнително се залагаат за унапредување и заштита на правата на мигрантите и сезонските работници, посочуваат од Конфедерацијата на слободни синдикати.

Во соопштението стои дека Меморандумот за соработка има за цел да ја поттикне соработката меѓу синдикатите и да ги олесни односите и заедничкото делување за правата на работниците, а особено да ги олесни заедничките активности за заштита на работничките права на мигрантите и сезонските работници и да промовира достоинствени услови за работа и борба против „социјалниот дампинг” . Синдикатите ќе направат посебни напори за организирање и зачленување на сезонски работници и мигранти, со цел да им се обезбеди соодветна заштита на нивните права, вклучително и информации за правата и други информации релевантни за работата и престојот за време на сезонската/мигрантската работа во една од трите земји, преку обезбедување бесплатна правна помош за заштита на работничките права, што вклучува правно советување и судска заштита, како и медијација и посредување со работодавачите за сите прашања кои се важни за нивниот работно – правен и социјален статус, медијација со надлежните институции и воспоставување контакт со синдикатот од кој што доаѓаат.