Институциите ќе соработуваат за подобар пристап до еколошката правда

Во Делегацијата на Европската Унија во Скопје денеска беше потпишан Меморандум за разбирање за спроведување на проектот „Конвергенција на климатската и еколошката правда“ (CEJ Convergence). Документот ја утврдува соработката меѓу Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за правда и француските партнери во реализацијата на проектот.

Меморандумот го потпишаа заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска, амбасадорот на Франција во земјава Кристоф Ле Риголер и министерот за правда Игор Филков.

Според соопштението на Министерството за животна средина и просторно планирање, документот ги дефинира рамката и начините на соработка меѓу институциите, со цел да се унапреди пристапот до еколошката правда, да се зајакне учеството на јавноста во процесите на одлучување поврзани со животната средина и да се поддржи поефикасна примена на еколошкото законодавство во согласност со европските стандарди.

Заштитата на животната средина и владеењето на правото се поврзани

Лашкоска во своето обраќање посочила дека заштитата на животната средина и владеењето на правото се тесно поврзани области, кои бараат засилена институционална соработка и партнерство со меѓународните чинители.

„Со потпишувањето на меморандумот се создава основа за продлабочување на соработката со француските и европските партнери и за понатамошно усогласување со европското законодавство и практики во областа. Ова е важен чекор во исполнувањето на обврските од европската агенда и во зајакнувањето на владеењето на правото, како клучен сегмент од процесот на пристапување кон ЕУ“, изјави Лашкоска.

Таа додаде дека проектот треба да придонесе за поголема транспарентност и ефикасност на системот. Според неа, граѓаните ќе имаат полесен пристап до механизмите за заштита на нивните права во областа на животната средина, како и поголеми можности за учество во донесувањето одлуки.

Проектот е дел од реформите во рамки на Поглавјето 27 – Животна средина и климатски промени. Неговата цел е зајакнување на владеењето на правото и демократското учество во процесот на креирање јавни политики.