Лидерот на СДСМ, Венко Филипче е наведен како „едноличен собственик на капиталот“ и како „управител“ на компанијата „ПАУЪР АЙ8“ ЕООД во Петрич, Бугарија, каде фирма има регистрирано и Вице Заев, рече портпаролот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Никола Мемов, денеска на прес конференција.

– Денес, повторно се обраќаме до Венко Филипче и до раководството на СДСМ, за прашање од врвен национален и државен интерес, прашање кое ја засега суштината на нашата демократија, транспарентноста на политичкото дејствување и заштитата на македонските национални интереси. Движењето ЗНАМ во изминатиот период, со факти и докази ја отвори дилемата за поврзаноста на бизнис интересите на раководството на СДСМ во Република Бугарија и нивните политики кон соседната држава. Наместо одговори, добивме само обиди за релативизација и заглушувачки молк – рече Мемов.

Тој наведе дека според официјалните податоци од Трговскиот регистар на Република Бугарија, Венко Филипче е единствен сопственик и управител на компанијата „ПАУЪР АЙ8“ ЕООД.

– Како што може да се види од документите, Филипче е наведен како „едноличен собственик на капиталот“ и како „управител“ на оваа компанија. Седиштето на оваа компанија е во градот Петрич, на адреса булевар/улица Гоце Делчев бр. 12. Интересно е што на истата адреса, Гоце Делчев бр. 12 во Петрич, е регистрирана и компанијата „ГОМАСИДРА“ ЕООД, во сопственост на Вице Заев. Ова недвосмислено укажува на постоење на испреплетена бизнис мрежа на највисоките структури на СДСМ во соседна Бугарија – рече Мемов објавувајќи документи за сопственоста на фирмите.

Тој го повика Филипче да излезе пред народот, чиј суверенитет, според Член 2 од Уставот, е изворот на власта, и да одговори:

– Дали е точно дека тој е сопственик на компанијата „ПАУЪР АЙ8“ ЕООД во Петрич, Република Бугарија? Со какви дејности се занимава оваа компанија и колкав капитал и имот поседува во соседната држава? Дали овие бизнис интереси, кои очигледно ги има заедно со семејството Заеви, се причината за неговото инсистирање по секоја цена да се направат уставни измени под бугарски диктат? Дали Филипче, кога ги застапува своите политички ставови за уставните измени и односите со Бугарија, се води од обврската од Член 49 од Уставот, или пак неговите ставови се условени, ублажени или компромитирани поради грижата за неговиот личен имот и капитал во Петрич?

Мемов додаде дека јавноста очекува Филипче да собере храброст и да се соочи со вистината и со граѓаните.

– Да објасни дали неговите политички ставови се резултат на неговите лични убедувања или се исклучиво во интерес на неговите бизнис релации со Бугарија. Македонскиот народ заслужува одговори. Македонија не смее да биде заложник на ничии лични и деловни интереси – порача Мемов.