Taa беше пречекана од министерката за Европа и надворешни работи, Олта Џачка, германскиот амбасадор во Тирана, Петер Зинграф и албанскиот амбасадор во Германија, Артур Куко.
Џачка ја поздрави германската канцеларка и преку објава на социјалните мрежи и изрази благодарност за поддршката на Меркел за европската интеграција на Западен Балкан, како и за зајакнување на соработката и развојот на регионот.
–Чест и задоволство ми беше да ја поздравам германската канцеларка, Ангела Меркел, која пристигна во Тирана на важни средби со премиерот Еди Рама и лидерите од регионот. Благодарност за нејзината поддршка за европската интеграција на Западен Балкан, како и за зајакнување на соработката и развојот на нашиот регион, напиша Џачка.
Под силно обезбедување Меркел пристигна пред Палатата на бригадите каде ја пречека премиерот Еди Рама. При поздравувањето Рама и подаде рака, но таа го потсети на протоколите, поздравувајќи го тупаница.
Германската канцеларка има одвоена средба со Рама а потоа следува средба на двете делегации, додека заедничката прес конференција е околу 14:35 часот.
Таа ќе се сретне со шефовите на влади на шесте земји од Западен Балкан, при што во преден план ќе бидат прашањата за регионалната соработка. Планирани се и разговори лице в лице со шефовите на владите на Северна Македониј, Косово, Босна и Херцеговина, и Црна Гора. Посетата на Меркел доаѓа како дел од Берлинскиот процес.
Како дел од мерките за обезбедување за време на посетата на канцеларката во Тирана и премиерите на Западен Балкан во некои делови има блокади и пренасочување на движењето на возилата.
Сите граѓани од 9 до 13 часот денеска мора да користат алтернативни правци за да стигнат до своите дестинации.