Германската канцеларка Ангела Меркел вечерва пристигна во Атина, во нејзината последна официјална посета на Грција, земја од која, според сопственото признание, барала многу, јави Бета.
Во интервју за грчките медиуми во септември, канцеларката призна дека „најтешкиот момент од нејзиниот мандат бил кога барала толку многу од Грција“.
На крајот од 16 години на функцијата канцеларка, обележани со грчката должничка криза и мигрантската криза, Меркел се врати во Грција на националниот празник, денот кога Грците му кажаа „не“ на нацизмот за време на Втората светска војна.
– Ова е многу симболична посета бидејќи ќе овозможи да се постигне рамнотежа во грчко-германските односи, изјавил извор од грчката Влада.
Германскиот таблоид Билд пишува дека Меркел е „една од најомразените жени во Грција“ која сака да се збогува со грчките кризи – финансиската криза и бегалската криза.
Кога Грција се соочуваше со финансиската криза во 2009 година, Ангела Меркел и нејзиниот министер за финансии, Волфганг Шојбле, побараа од грчката влада да спроведе болни буџетски кратења и драстично да ги зголеми даноците за да може да ја добие нивната поддршка за три меѓународни планови за помош вредни повеќе од 300 милијарди евра.
Во 2012 година, во екот на кризата, канцеларката беше пречекана со голем митинг против мерките за штедење, на кој се носеа кукасти крстови и нејзини карикатури со мустаќи на Хитлер.
За време на нејзините подоцнежни посети во 2014 и 2019 година, демонстрациите беа забранети.
– Мислам дека ќе имаме можност да разговараме за посебниот однос на канцеларката со Грција. Мислам дека таа ќе биде првата што ќе признае, на крајот на краиштата, таа веќе го направи тоа, дека повеќе пати многу бараше од Грција и дека штедењето отиде подалеку од она што грчкото општество можеше да го издржи, изјави неодамна во Брисел грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
Тој додаде дека Меркел истовремено се противела на препораките на нејзините министри кои сакале да ја исфрлат Грција од еврозоната.
Меркел вечерва ќе има вечера во премиерската палата, а за утре е планиран разговор со претседателката Катерина Сакеларопулу и заедничка прес-конференција со премиерот.
Според извор од грчката влада, разговорите ќе бидат фокусирани на енергетската криза, пандемијата, но и тешките односи меѓу Грција и нејзиниот сосед Турција, како и мигрантското прашање.