На околу десетина компании од месната индустрија им се одбиени апликациите за добивање субвенционирана струја зашто имаат фотоволтаици. Тие веќе ги намалиле цените на 50-ина производи, на свежото свинско месо и на дел од пилешкиот асортиман, но до кога ќе трае поевтинувањето, не знаат. Очекуваат во најбрз можен рок да се надмине проблемот и да ги потпишат договорите за фиксна цена на електричната енергија, за што вчера добиле и ветување од ЕВН.

Според Групацијата за преработка на месо и производи од месо при Стопанската комора, цените се намалени за пет проценти, пред се на домашното свежо свинско месо, но, сепак, секоја компанија поединечно си одлучува по колку ќе ги продава своите производи. За да се намали, пак, цената на месните проозводи веднаш, за над 10 – 15 проценти, потребно е ослободување од царините за увоз на смрзнато свинско месо за преработка што беше во сила четири години и заврши во јуни 2022 и доведе до поскапувања.

Групацијата порача дека правилата за добивање субвенционирана струја мора да се објават јавно и јасно и да важат еднакво за сите правни субјекти од секоја соодветна гранка.

-Уште денеска ги намаливме цените на одредени производи, верувајќи и на Владата дека мерките ќе бидат ефективни. Намалени се околу 50-на проиузводи, дел од свежото свинско месо и дел од пилешкиот асортиман, но до кога ќе важи тоа не знаеме зашто некои компании се одбиени и се ставени во нерамноправна положба. Очекувавме мерката за струјата да биде јасна и целата работа да биде завршена со доставување на документацијата. Но, вчера и завчера дел од компаниите се одбиени, а немаме објаснување зошто. Единствено заедничко е што имаат фотоволтаици, истакна претседателот на Групацијата Гоце Трајчев.

Трајчев на прес-конференција во Комората напомена дека компаниите се подготвени вишокот струја да го дадат гратис, за тоа да не биде пречка и да добијат субвенционирана електрична енергија.

-Сите овие компании инвестирале во фотоволтаици за сопствени потреби што е одлично, но сега се покажа како недостиг и ќе ги обесхрабри за ваков тип вложување во иднина, потенцира Трајчев, додавајќи дека компаниите требале да ги видат договорите, но договорите се уште ги немаат добиено.

Од Комората информираат дека вчера попладне добиле соопштение од ЕВН во кое се информира дека компаниите кои имаат фотонапонски централи, имаат вишоци струја и за нив договорите ќе треба да се доработат за да се регулира продажбата на тие вишоци.

-Заедно со ЕСМ и Министерството за економија ќе се направи се за да се доработат договорите. Насоката е дека тоа ќе се случи најбрзо што може, можеби утре, во понеделник или во јануари. Станува збор за вишоци кои компаниите никаде не може да ги користат и се подготвени да го надминат овој проблем, рече Даниела Михајловска од Комората.

 

Недоследности, доаде Михајловска, се откриваат во од и се прават напори за нивно надминување.

Месната индустрија и официјално ја најави кампањата „Домашно, квалитетно, евтино“.