Дури и откако Ана Нетребко изјави дека не ја поддржува политиката на рускиот претседател Владимир Путин и војната во Украина, њујоршката Метрополитен опера соопшти оти, барем засега, сепак нема да ја продолжи соработката со руската дива.

– Силно ја осудувам војната во Украина и моите мисли се со жртвите од војната и нивните семејства. Мојот став е јасен. Никогаш не сум била член на партија или поврзана со некој руски лидер, изјави руската оперска сопранистка Нетребко.

Питер Гелб, директор на Метрополитен операта, се огласи по тој повод.

– Дури и по читањето на изјавата на Ана, не сме подготвени да го промениме ставот, изјави Гелб.

Тој додаде дека „ако Ана покаже дека сериозно, целосно и долгорочно се дистанцирала од Путин“, тогаш ќе биде подготвен за разговор.