Македонската кошаркарска репрезентација претрпе непријатен пораз од Кипар со резултат 75:85 на домашен терен во Скопје. Гостинската селекција стигна до посакуваните бодови со подобра и пофокусирана игра во решавачката четврта четвртина од натпреварот.

Во редовите на македонскиот национален состав владее големо разочарување од конечниот исход, со оглед на тоа што очекувањата на стручниот штаб и кошаркарите беа насочени кон сигурна победа пред домашната публика.

„Честитки за Кипар за победата. Се покажа дека повеќе го сакаа резултатот од нас. Влегоа поенергично и во нападот и во одбраната, не натскокаа на наш терен. Ништо не е загубено, но мора сите да се погледнеме во огледало, секој сам за себе, и во следните два натпревара да покажеме повеќе енергија и доминантна игра за да стигнеме до посакуваната цел“, изјави Мекиќ.

Репрезентативното крило истакна дека селекцијата располага со доволно квалитет за да ја надомести негативата на претстојните мечеви и верува дека тимот е поквалитетен од противникот и покрај неочекуваниот пораз.

„Секако дека имаме квалитет да победиме со десет поени разлика, иако е многу. Не е недостижен резултат. Знаеме дека имаме квалитет, искрено мислам дека сме доста поквалитетни од Кипар. Но, тоа мора да го покажеме на терен. Пристапот ќе биде клучен на следните дуели за позитивен резултат“, додаде Мекиќ.

Македонија ќе го одигра следниот квалификациски натпревар пред домашните навивачи против Австрија на 25 февруари 2027 година, додека реваншот против селекцијата на Кипар е закажан три дена подоцна на гостински терен.