Власта тактизира, ги користи уставните измени како тема за која треба да се зборува, а во суштина во државата се случуваат други процеси и граѓаните точно знаат каде се дефектите во државата, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, за ТВ Алфа и повтори дека ИК на ВМРО-ДПМНЕ ги прекинал сите официјални билатерални средби со власта и дека единствено може да се разговара за избори.
Тој посочи дека во моментов ниту пратениците од власта не знаат што содржат предлозите за уставни измени, а власта го одолговлекува процесот оти нема мнозинство.
„Овој процес се одолговлекува од минатата година кога го донесоа Францускиот предлог. Владата тогаш најавуваше дека има 80 пратеници и дека брзо ќе влезат уставните измени во собраниска процедура. Потоа се кажа дека ќе се продолжи во декември, па дека ќе одат во февруари, па мај, дојдовме до јули и пак се спомнуваат термини“, рече Мицески.
Инаку, премиерот Димитар Ковачевски денеска од Самитот на НАТО во Вилнус кажа дека предлогот за уставните измени е доставен до Владата и откако таа ќе го разгледа на некоја од наредните седници – не подоцна од крајот на овој месец, ќе го достави до Собранието.
На прес-конференција, Ковачевски посочи дека уставните измени не се под никаков диктат, туку се дел од обврските наведени во Преговарачката рамка што во јули минатата година била усвоена во Собранието без ниту еден глас „против“.
Тој потенцира дека секое кочење кое политички партии, пред се од опозицијата, го прават во нашата држава е директно и активно работење против ЕУ.