Во изјава пред вечерашната трибина „Промоции на политики – Македонија за сите луѓе“ во општина Карпош претседателот на ВМРО- ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во однос на датумот за одржување на локалните избори истакна дека треба да се прекине со праксата да се крши уставот бидејќи датумот за локалните избори го дефинира Уставот.
„Околу датумот на избори тоа не е тема за која што ние ќе зборуваме на зелен пазар, тоа е тема која што ја дефинира Уставот и навистина треба да прекинеме со праксата да го кршиме уставот, како дефинира Уставот така ние треба да се однесуваме и тоа што го дефинира уставот тоа треба и да го примениме. Ако Уставот вели дека мандатот на градоначалниците и советите е четири години тогаш после четири години ние треба да го имаме првиот круг избор на градоначалници и советници. Така што ова не треба да биде тема за дневна политика јасен е Уставот како што е Уставот го повикувам претседателот на Собранието Талат Џафери да практично ги распише изборите, онака како што се според уставот дефинирани“- нагласи Мицкоски.