„Коридорите 8 и 10д биле дел од програмите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Владите на ВМРО-ДПМНЕ многу долго време, можеби биле дел и од програмите на СДСМ. И логично е да бидат, бидејќи станува збор за политички партии кои што одат на избори со понудата и кажуваат што треба да им понудат на граѓаните. Но, она кое што е важно да се каже е дека тоа што вие го направивте посебно во проектот кој што вие го нарековте Бектел и Енка, јас ќе го наречам за изградба на коридорот 8 и 10д најпрво беше срам и понижување кон министерот тогашен за транспорт и кон тогашниот премиер кој што ја водеше Владата. Ги доведовте како нивни колеги, вие не бевте во таа влада но има кои што биле, ги доведовте до подредена положба да им се смеат и со нив да си играат мајтап вашите коалициони партнери во тогашната влада кои што играа фудбалчиња во канцеларија, на начин на кој што овде во Парламентот носевте закони кои што немаат никаква врска со европските закони, ги злоупотребувавте и европските вредности и македонското право и Устав. И тогаш го злоупотребувавте европското знаме, впрочем тоа вас ви е и навика, со едната рака да правите вака, со другата да мавтате со европското знаме. Тоа е карактерна особина на СДСМ 7 години и коалицијата“, му порача претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на Венко Филипче на денешната собраниска седница за пратенички прашања.
Премиерот Мицкоски истакна дека бил против тоа да се трошат парите на граѓаните, укажувајќи дека во време на владата на СДСМ и ДУИ се потрошени 350 милиони долари, а ниту еден милиметар од изградбата на коридорите не е направена.
„И да бевме против тоа. И ден денеска сме против тоа. Две години стоеја потрошени околу 350 милиони долари, ниту милиметар не беше поместена трасата, имотно правни односи би рекол неколку 10-тици парцели и многу основани сомневања за злоупотреба на буџетски пари. Тоа што злоупотребувате европско знаме, тоа што мислевте тоа е решението, а ве предупредувавме не е тоа решението, треба да се засукаат ракавите и да се работи, вие мислевте дека на тој начин сте ја завршиле работата, и готово ќе им се допаднеме на меѓународната заедница и повторно ќе бидеме Влада. Ете видовте до каде ве дотера таа политика, 18 пратеници“, рече Мицкоски.
Во однос на договорот за Бехтел и Енка, премиерот Мицкоски нагласи дека тој договор е класифициран, но се проверуваат сите можности и се прават напори истиот да се декласифицира за да може да се покаже пред македонската јавност и да се увиди дека сè што тој претходно зборувал е точно.
„Бехтел и Енка е класифициран документ, и ги проверуваме сите можности договорот со Бехтел и Енка да го декласифицираме и да го покажеме на македонската јавност. Но, она што можам да го кажам дека сите оние основани тврдења кои што ги имавме во опозиција се точни. Сите“, додаде премиерот Мицкоски.
Мицкоски кажа дека како Влада имале две опции од кои едната да се прекине изградбата и да се плаќаат пенали исто како што се плаќале пенали за сите претходни договори и концесии кои што СДСМ и ДУИ ги укинале и долгови кои што ги оставиле или да продолжи со работи и да се гради.
„Како Влада имавме две опции или да излеземе од проектот да останат овие 350 милиони долари кои што се платени и да платиме неколку стотини милиони оштета откако ќе завршиме арбитражен спор во судот во Лондон по британско, шкотско ирско, велшко законодавство, не по наше континентално и да извадиме уште неколку стотини милиони евра за сето тоа кое што ќе биде досудено како казна, бидејќи мораме сега слични такви спорови кои што ги укинувавте концесиите како Казан Дол сега ние да ги плаќаме. Исто како што сега ги плаќаме долговите во ЕСМ 5 милијарди денари плаќаме долгови. Исто како што ги плаќаме долговите за друг дел од коридорот 8 делницата од Кичево до Охрид 80 милиони долари, неплатени фактури од ноември 2023 година на изведувачите. Пред банкрот ги доведовте, ама провизиите биле наплатени. Некој ги наплатил, дали сте вие или некој од оваа сала што е, некој ги наплатил. За тоа се погрижиле авансно и за тоа истражуваме. Немојте да мислите дека тоа ќе остане така неистражено. Сè ќе истражиме и сè ќе излезе на виделина“, дециден е Мицкоски.
Премиерот Мицкоски вели дека првата средба со Бехтел ја имал во Вашингтон каде што замолил да не се плаќаат пенали од стотици милиони евра, потенцирајќи дека пред една недела започнала официјалната работа за изградба на коридорите бидејќи за разлика од претходно, сега се решени неколку имотно правни односи, со расчистена траса и како што рече има отворен фронт за да се започне со работа.
„Ние одлучивме да работиме. Првата моја средба на Бехтел ја имав во Вашингтон и тогаш молев бидејќи согласно договорот луѓето требаше веќе да ни наплатат неколку стотици милиони евра пенали. И да молев и ќе молам ако треба секој денар да го заштедам на граѓанинот, ќе молам и не се срамам, но знам сум направил нешто добро. И што направивме сега заедно со потпретседателот на Владата, директорот на ЈПДП со претставници на компанијата и со меѓународната заедница излеговме на истото тоа место каде што се пукаа петарди за да означиме официјално траса отворен фронт од околу 11 километри кои што ќе можат да се работат со неколку решени имотно правни односи, со расчистена траса, се како што треба еден проект да личи“, му порача Мицкоски на Филипче.