Имаше партии кои преговараа со нас, но не успеавме да постигнеме договор. Или ќе настапат самостојно или со актуелните владеачки партии, информира денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес-конференцијата по работната средба со Стопанската комора на Македонија.
За најавената соработка со помалите партии Достинство, ДС и Обединети за Македонија, вели дека има принципиелен договор за заеднички настап на изборите и очекува да функционираат понатаму како идна Влада.
-Околу мотивот и причините, би сакал тоа да биде фактот дека тие препознале во нашата програма добри работи и одлучиле да ја прифатат, кажа Мицкоски.
За тоа кој е нивниот главен адут на изборите, Мицкоски вели дека СДСМ се однесува неодговорно и нема програма.
-Јас излегов и презентирав дел од проектите во час и половина. Тоа е пристапот што треба да го имаме. СДСМ излегоа со една прес-конференција на која прочитаа неколку реченици и истите луѓе бесрамно излегоа во јавноста со напади кон нас. Граѓаните се тие кои што судат дали ВМРО-ДПМНЕ има добра или лоша програма. Многу брзо ќе го добиеме одговорот, кажа првиот човек на актуелната опозиција.
За „Европскиот фронт“ на ДУИ и коалицирањето со партии кои не се албански, Мицкоски истакна дека „се обидуваат да направат маневар на политичкиот простор, со што ќе го ублажат поразот на изборите од страна на консолидираната албанска опозиција“.
-Не мислам дека ова ќе биде успешен потег. Времето и гласачите ќе покажат, додаде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.