Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во „Патот кон“ на Алсат М телевизија, вечерва истакна дека ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ е за концептот Македонија за сите луѓе, концепт за Македонците, за Албанците, но и за сите останати луѓе во Македонија, кои не треба да се делат по етнички и верски основи во 21 век, а политиките на политичарите не треба да ги делат луѓето.
-За ова раководство коешто јас го предводам било секогаш со концепт на отворени врати, никогаш не бил концепт на проценти или кој се темелел само на како што вие рековте „Македонија на Македонците“, туку напротив раководството на ВМРО-ДПМНЕ се труди да респектира политики за сите граѓани, без оглед на различностите на етничката или верската припадност, впрочем еволуираат политичарите во зависност од динамиката на политиките, тоа не е само во Македонија туку би рекол секаде во светот и логично дека ако сакате да бидете успешен треба да ги следите овие процеси на еволуција, вели Мицкоски.
Тој посочи дека политичари кои не враќаат назад во минатото со теми кои не се за 21 век, не може да се наречат за успешни политичари, на што сме сведоци оваа кампања.
-Концептот Македонија за сите луѓе е концепт за Македонија, концепт за Албанците, но и за Турците и за Србите, и за Власите и за Ромите, и за Бошњаците, но и за сите останати бидејќи премалку не има во Македонија за да ние се делиме и да имаме различности помеѓу себе, поготово вакви кои не се прашања за 21 век, истакна Мицкоски.
Мицкоски посочи дека Македонија е на сите луѓе, како што е на Македонците, треба да биде и на Албанците, па говорот на омраза и дополнителни поделби меѓу граѓаните не се потребни, туку треба на сите граѓани да им се обезбеди подобар живот и подобри услови, а Македонија да биде пристојно место за живеење.