Со зборовите „Маките на татковината се повеќе од сите страданија на секоја наша мајка. И јас – без ни најмалку да те навредувам – се чувствувам повеќе син на втората моја мајка – Македонија, отколку на тебе, која си ме родила. Те молам – во името пак на моите свети чувства кон тебе – да не жалиш, ни да плачеш за мене. Најдоволен ќе се чувствувам, ако ти со своето држење бидеш за пример на другите мајки и сопруги” на Христо Узунов претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го започна говорот со кој го означи почетокот на кампањата од парламантарните избори 2024.
Потсетувајќи се на делата на многу други грамадни дејци од Охрид, како Методија Патчев, Петар Чаулев, Протоѓеров, Кирил Прличев, Глигор Прличев, Ефтим Спространов, Леон Лев Огненов, од НОБ исто. Петре Пирузе Мајски, Андон Дуков… кои оставиле безвременски печат, Мицкоски нагласи дека Охрид е град на непокорот, град од каде се раѓала и негувала македонската револуционерна мисла, град на идеали, вера, истрајност, еснафлук, култура, цивилизација.
Од св. Климент и Наум до Самоил, од Глигор Прличев до Петре Пирузе Мајски. . . Овде се создавала историја, затоа од овде секогаш почнуваме, заради славните охридски семејства и овој народ тука кој живеел славна историја која до ден денес ни е патоказ како да ја чуваме и негуваме идејата во која веруваме, а идејата е Македонија, рече Мицкоски.
И од градот под Самуиловите тврдини претседателот на најголемата опозициска партија повтори дека народот доаѓа по своето.
Доаѓа по тоа што му е одземено. Доаѓа по Македонија. Да си ја врати во свои раце и да ги отпочне големите промени на свеста, на начинот на живот, на вредностите, со кои ќе покажеме на сите дека можеме, дека знаеме, дека си ја сакаме државата, дека не ја даваме, и дека ние сите заедно, сме силата на Македонија. Посилни од кога било! Стоиме гордо, исправено. Обединети, сложни, со јасна заедничка цел! Идејата не можат да ја уништат! Да, нашата идеја се вика Македонија, рече Мицкоски.
На неколку дена од првиот круг на претседателските избори, Мицкоски од Охрид одговорно и гордо порача: Победуваме!
Нашата цел е да ја вратиме Македонија во рацете на народот! И да ја одземеме од рацете на стотината функционери од ДУИ и нивните измеќари од СДСМ! Победата мора да е голема за да видат сите оние кои се прашуваат дали народот ќе дојде по своето, за да им докажеме и на најголемите скептици кои го потценуваат овој народ, дека Македонија и нејзините граѓани се горди и достоинствени и дека доаѓаат по своето, доаѓаат по својата држава… Доаѓаат да си ја земат државата во свои раце, затоа што лошо се живее, затоа што институциите се распаднати, затоа што државата е киднапирана од неколкумина од ДУИ и СДС и нема набавка или тендер кој не е злоупотребен, нема работник кој не е разочаран, нема пензионер кој не е загрижен, нема доктор и инженер кој не се прашува што бара тука, нема млад кој не е скептичен, и ретко човек кој не помислил дали да си оди од овде… накусо нема надеж и сон кои не се уништени. Но во нас мора да се роди повторно пркосот, не им ја даваме Македонија, не им ја даваме иднината, не им дозволуваме повеќе да си играат со нашите животи и да се коцкаат со животите на нашите деца, порача Мицкоски пред охриѓани.