Мојот впечаток е дека сето ова изгледа малку покултурно од тоа што беше за јавноста, но суштината е иста, дека секогаш кога ќе треба од страна на бугарската влада да се направи било каков чекор напред повторно ќе има изговори. Секогаш ќе има изговор само да не се направи чекор напред во насока на градење на довербата, изјави вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Тема на денот на Сител ТВ, коментирајќи ја посетата на бугарскииот премиер Кирил Петков на Скопје и најновиот равој на односите меѓу Софија и Скопје.
– Инаку сето ова како претстава пред завесата делува интересно посебно за дипломатите од ЕУ, посебно за дипломатите кои се во земјава, но без суштина. Нас ни треба суштина. Суштината е дека ние изгубивме неколку преговарачки позиции, рече Мицкоски.
Во однос на позициите на поранешниот виепремиер за европски прашања Никола Димитров, Мицкоски вели „кога требаше да биде гласен молчеше, а сега кога треба да молчи е многу гласен“.
– Јас би рекол дека тој се согласува со моите позиции, многу пред него го зборував тоа, за жал тој кога требаше да биде гласен молчеше, а сега кога треба да молчи е многу гласен, бидејќи најверојатно има некои други причини за тоа. Но, никогаш не е доцна, рече Мицкоски посочувајќи дека не остварил контакт со Димитров.
Во однос на средбата со бугарскиот премиер Петков, Мицкоски не сакаше да открие за што разговарале, но посочи дека на средбата биле кажани многу работи.
– Имам чувство дека сето ова се случува со многу парада, но без суштина. Мислам дека секогаш од сега па натаму дека кога нешто ќе побараме од бугарската влада да направи во насока на градење на доверба секогаш ќе наидуваме на две пречки – првата е имаме мултипартитна коалиција која што секој момент може да се распадне и втората дека било кој после нас ќе биде потврд во прашањето. На крајот на денот резултатот е ист. Ние сепак сме се уште во ходниот и не сме на столчето кое одамна го заслуживме, едноставно направивме многу работи за нашите соседи и за Европа и го заслуживме тоа место на тоа столче, нагласи Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека добил многу поддршка од Македонците во Бугарија и потенцира дека треба да покажеме зрелост кон нашите луѓе во светот.
– Апсолутно ќе се грижам за Македонците секаде во светот. Македонец е Македонец и има право на поддршка од сопствената татковина, јас како политичар тоа никогаш не го исклучувам. Ние мора да покажеме зрелост кон нашите луѓе во светот. Не само во Бугарија, Грција, Косово, туку насекаде, рече Мицкоски.
Прашан дали доколку Владата побара од ВМРО-ДПМНЕ да испратат свои претставници во заедничките работни групи со Бугарија, тоа ќе го сторат, Мицкоски го повика министерот за надворешни работи еднаш месечно да присуствува на Комисијата за надворешни работи во Собранието и да реферира како напредуваат овие комисии.
– Ајде да се најдеме во парламентот и наместо досегашните ниедно појавување на министерот за надворешни работи на Комисијата за надворешни работи која ја води пратеникот Милошоски, тоа да се случува еднаш месечно, тој да реферира како напредуваат овие комисии, а да можат пратениците да ги рефлетираат позициите на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е единствениот начин да може јавноста да биде објективно информирана. Ова е начинот, наместо до сега ниеднаш годишно, еднаш месечно да доаѓа министерот и да не информира до каде е напредокот на овие наречени комисии. Ако е чесен така ќе постапи, рече Мицкоски.